За денеска попладне е закажана средбата меѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на која ќе се разговара за енергетската криза и за начините како да се ублажат последиците од неа. Средбата, како што вчера потврдија од Владата за МИА, е планирано да се одржи во 16 часот.

На средбата, покрај Мицкоски, ќе присуствува и економскиот тим на партијата кој ќе го презентира планот на ВМРО-ДПМНЕ за надминување на последиците од кризата.

Ги нудиме нашите ресурси и концептот. Утре ќе биде запознаен и премиерот. Би требало да се разговара во вакви тешки времиња, треба да седнеме заедно најголемата опозициона партија и Владата, изјави вчера Маја Кадиевска од ВМРО-ДПМНЕ во емисија на телевизија 24.

Средбата доаѓа по неколкудневните несогласувања за евентуални разговори откако Мицкоски го повика Ковачевски на тв дуел.

Вчера, Ковачевски го повика Мицкоски да присуствува на седницата на Економскиот совет на Владата закажана за среда, но Мицкоски ја одби поканата изјавувајќи дека не гледа потреба да присуствува на седница на Советот затоа што во него членуваат истите луѓе кои не ги решиле проблемите во ковид кризата.