Семејството е примарна група или социолозите често знаат да го дефинираат и како „општествена клетка“. Она што во функционална смисла претставува клетка за живите организми, тоа семејството претставува за заедницата и општеството. Иако семејството често влегува во различни транзициски фази, го менува својот облик, структура и фунција, сепак тоа останува најзначајниот темел за човечкото меѓусебно групирање. Како за општеството, така и за поединецот, семејството претставува една од најзначајните компоненти за градење на индивидуалниот идентитет, како семејството на прокреација, така и семејството на ориентација. 

Во рамките на семејствата во минатото се сметаа крвните и брачните врски за стожер во градење на семејствата, но секое семејство има различни структури и облици. Сепак семејството секогаш остварува капитална социјална функција во однос на поддршка, градење на чувство на припадност, поделба на одговорности, уживање на права во рамките на една заедница. Бракот е основа за градење на семејството и семејството најчесто произлегува од бракот. Сепак, кога во рамките на семејството има деца, или стари лица на изддршка, семејството се солидаризира и членовите кои се работоспособни ги ставаат во заложба своите капацитети и придонеси во насока на издршка на другите членови од семејството кои не се независни.

Во суштина, конвенционалните и традиционални погледи на семејството, како заедница на членови кои меѓусебе се поврзани со крвни врски, се замени со концепт на солидарност како темелна вредност на семејните односи. Затоа за семејство денеска се смета – безбедна средина, во која секој поединец може да се самоидентификува и да му се задоволени социјалните потреби за љубов и припаѓање.

Денеска во светот се одбележува 15 мај, Меѓународниот ден на семејството. 15 мај за меѓународен ден на семејството е прогласен од страна на Обединетите нации во 1993 година, а првпат е одбележан во 1994 година.

Семејство (потесно семејство) — семејна заедница што се состои само од брачна двојка или од родители (двајца или еден) и нивните деца кои не се во брак. Под семејство се подразбира и заедница на партнери кои живеат заедно, а законски немаат засновано брачна заедница.

Во согласност со дефиницијата за семејство, се разликуваат следните типови на семејства:

*брачна двојка без деца;
*брачна двојка со дете/деца кои не се во брак;
*родители (партнери кои не се во брак) со дете/деца кои не се во брак;
*мајка со дете/деца кои не се во брак и
*татко со дете/деца кои не се во брак.

Во последните години, во западните општества е се поактуелен модел на постмодерно семејство. Во западниот свет, браковите веќе не се аранжирани за економски, социјални или политички цели, и децата веќе не се очекува да придонесат на семејниот приход. Наместо тоа, луѓето избираат партнери врз основа на љубов. Ова зголемување на улогата на љубовта укажува на општествената промена кон фаворизирање на емоционална исполнетост и односи во рамките на семејството и оваа промена ја слабее институцијата на семејството.