Денеска е христијански празник „Прочка“ или Велики поклади. Последниот ден од подготовките за 7 неделниот велигденски пост.

Во народните обичаи на овој ден, луѓето треба да побараат прошка од оние на кои им погрешиле и фигуративно речено да се ослободат од „гревот“.

Простување се бара на следниот начин: „Прости ми да ти простам“, а се одговара „Простено ти е и од мене и од Бога“.

Оваа јазична кованица во себе крие противречности со христијанското начело за тоа кој единствено суди и кој единствено може да прости. Една од најпознатите изреки на Исус според евангелијата е „Ако некој е безгрешен нека прв го фрли каменот“.

Безгрешни луѓе нема, само Бог е безгрешен и само тој може да ги простува грешките на луѓето. Грешник на грешник не може да му суди, од грешник – грешник не бара прочка и грешник на грешник не може да даде прочка.

Простувањето е комплициран психички процес, а често е тема и на филозофска расправа.

Простувам, но не заборавам

Многу често ќе слушнете луѓе кои ја повторуваат реченицата која скоро има статус на мантра, а не на суштинска катарза а тоа е реченицата „Простувам, но не заборавам“.

Услов да се прости е да се заборави на настанот кој предизвикал болка. Се додека постои сеќавање за настаните кои предизвикале болка, не може да дојде до вистинско простување, љубов и добронамерност.

Бидејќи болниот човек нема друга амбиција освен да се ослободи од болката, кај него се активираат механизимите на несвесното. Човекот за да се ослободи од болката, ја потиснува содржината од неговото свесно во неговото несвесно, според психоанализата. Но таму допрва следуваат проблеми.

Несвесното е како корпа која ја полните со отпадоци кои откако ќе се преполнат тие излегуваат од сите страни и се рефлектираат на општото здравје. Психо-соматските болести се чест проблем.

Од друга страна според психоанализата грешките не се возможни. Не постои такво нешто како грешка, постои само природа која е потисната, но која неволево излегува преку реакциите на човекот.

Луѓето често знаат што прават кога „ви грешат“, простевањето ќе даде повторна шанса на вашиот однос, но нема да го дисциплинира оној кој грешел. Да простите на некој кој постојано ви греши е исто како да направите место да ви погреши порано.

person holding Forgiveness poster

Во природата на човекот е да се трга од онаа што му нанесува болка и да тежнее кон задоволство.

Не треба да се простува она што е простиво

Францускиот филозоф Жак Дерида во неговата книга „За простувањето“ се осврнува на феноменот на простување и вели дека парадокс е да се прости она што е простиво. Тоа што е простиво, не бара субјективна афирмација дека е, бидејќи субјективната афирмација е само секундарна потврда која не го менува битието на простивото.

Единствено може да се прости – непростивото. Непростивото е она што целосно ќе го скрши субјектот, кое ќе му ја наруши неговата моќ, слобода и сувереност, до таа мера да тој не може ниту да зборува за тоа што му се случило. Како пример за таква непростивост е случајот со силувањата. Субјект кој е силуван е толку деградиран, да на него веќе му е одземен целиот суверенитет да може да прости. И затоа силувањето е непростиво, но парадокс е исто така да се простува непростивото.

Непростивото по дефиниција не е нешто што може да се прости, тоа е антипод на простивото.

Заклучно, Дерида смета дека простувањето е парадокс и дека не е возможно да се случи суштинско простување, затоа простувањето често се меша со изговори, економија и политика или е само проформа да се постигнат макијавелистички цели.

Простувањето преку подарувањето

Простувањето не е секогаш индивидуален и интимен чин, тоа може да биде и колективен чин. Најстарите начини на простување и склучување примирја се случувале преку подарувањето, односно примордијална форма на економска размена.

Такви форми на простување во антропологијата се познати како „потлач“ и „кула“ и се применувале на Полинезиските осотрови при што кога едно племе ќе завојува со друго, чинот на примирје и простување се случува преку размена на добра помеѓу главарите на двете племиња.

Од една страна тие си подарувале работи „од срце“ бидејќи вредноста на работите кои се разменувале не се проценувала според некоја почетна вредност – параметар. Но во суштина се подразбирал реципроцитетот дека ако едно племе подари, другото племе треба да возврати на подарокот.

Колку бил поголем подарокот толку била поголема желбата да се склучи примирје и да се простат сторените непријатности.

Простувањето како враќање во минатото

Секоја грешка има свое постоење во минатото. Но нејзината појава во свеста, според феноменолозите ја прави присутна и во сегашноста. Сегашноста е основата на минатото и иднината.

Кон минатото сегашноста се отвара преку искуство и свесна појава на идеи кои се случиле и тие имаат актуалност, а кон иднината сегашноста се отвара како кон свесност за идеи кои имаат потенцијалност да се случат. Бидејќи актуалноста е една, а можноститие се бесконечни, идеите поврзани со иднината се „поматни“.

Она што треба да се прости е нешто што се има случено во минатото. Минатото не може да се поправи во сегашноста, тоа само се појавува како завршено и конечно.

Од таа причини она што треба да се прости нема да биде променето онтолошки дури ниту кога субјектот ќе го прости. Односно со простувањето, не се менува природата на делото кое треба да се прости.

Може да се прости само она што не се случило, но не може да се прости она што веќе се случило. Бидејќи тоа што веќе се случило има свое постоење, како непростиво и непроменливо, а она што треба да се случи, уште не е завршено и за него има простор за корекција.

Но како може да се прости она што се уште не се случило? Тука недостасува онтологијата на предметот кој треба да се прости. Односно го нема она „што“, ниту „кое“, ниту „какво“ тоа што треба да се прости. Ги нема категориите на битието според Аристотел.

Од таа причина, од феноменолошки аспект простувањето е безпредметно и е чиста утопија.

Автор: Магдалена Стојмановиќ