Данска и Норвешка во моментот нема да им ја даваат вакцината против Ковид-19 развиена од фармацевтската компанија „Астра зенека“ на лица над 65-годишна возраст, соопштија денеска националните здравствени власти.

Ние не го правиме ова оти сметаме дека вакцината не е ефикасна за постарите лица, туку затоа што сè уште нема доволно документирани докази за тоа – рече Камила Столтенберг, шефица на норвешкиот Институт за јавно здравје.

На прес-конференцијата таа посочи дека испитувањата за вакцината на „Астра зенека“ имале малку учесници на возраст над 65 години, така што нема релевантна документација за ефикасноста.

Данската здравствена администрација издаде слична препорака за употребата на вакцини од „Астра зенека“ за постари возрасни групи.

Соседните Шведска и Финска, како и Германија, исто така ги донесоа овие одлуки повикувајќи се на недоволни податоци oд британско-шведската компанија за проценка на ефикасноста на вакцинацијата кај постарата популација.

Данска и Норвешка засега користат две вакцини развиени од американско-германските партнери „Фајзер“ и „Бионтек“ и американската компанија „Модерна“.

Европската Унија минатата недела ја одобри вакцината на „Астра зенека“ по препорака на Европската агенција за лекови (ЕМА), која рече дека е безбедна за употреба и дава добар имунолошки одговор.