Додека во јавниот простор сѐ почесто се спрекулира околу тоа кои професии ќе останат без луѓе, односно кои луѓе ќе останат без своите професии бидејќи ќе бидат целосно заменети од ВИ, нејзините софтвери и посложени производи, дел од новинарите се убедени дека тие се безбедни, незаменливи и дека особено истражувачкото новинарство е тоа е заштитено како „редок вид“ на знаење, умешност, вештина и искуство. 

Оваа своја претпоставка која повеќе се должи на самоувереност на новинарите, одошто на значајни аргументи кои ги поседуваат во апологијата се темели на тврдењето дека новинарство се занимава со вистината, а ВИ нема многу врска со вистината, туку е обична јазична мрежа која симулира возможност за дијалог. И оваа претпоставка засега се покажува како вистинита. ВИ засега нема способности да ја утврдува вистината, ги проверува фактите, а уште помалку да ги врзува во систем на знаење од кое понатаму ќе гради ставови, тези, мислења или ќе се произнесува на одредена тема.

ChatGPT има можности да комуницира со вас на разбирлив начин и да ви пласира информации, поголем дел од нив може и да се лажни, но тој е исто толку способен да ви состави расказ кој ни самите не можете да го составите без разлика на поединечните идеи кои ги имате како тој треба да изгледа. Од друга страна ChatGPT нема да произнесе сфаќања кои го загрозуваат интегриретот на неговиот соговорник бидејќи тоа  е комуникациски сервис. Ако го прашате кој е понапреден ВИ или човекот, тој без сомнение ќе ви одговори дека човекот е незаменлив. Колку возбуда за едно суштество кое е склоно кон нарцисоидност и себебендисаност…

Сето она што го изнесуваат новинарите, односно барем дел од нив, застапниците на тезата дека ВИ не може да го замени новинарството, како критика кон ВИ и посочување на нејзините недостатоци и недоследности е теза која може емпириски да се потврди. Но само засега. Критиките и недостатоците не го прават ВИ неконкурентен кога е извршување на новинарските задачи во прашање, туку изгледот на новинарските содржини денеска.

Мрежа од податоци 

Денешните софтвери на ВИ може да создадат мрежа на податоци, односно нив да ги состават во една целина. Ако го прашате ChatGPT за некој историски лик или настан, тој ќе ви даде целосен преглед во историските факти. Зачудувачки е и начинот на кој, овој софтвер може да ги поврзува поединечните податоци во една мрежа на податоци.

Мрежното поврзување на информациите е клучно во новинарската професија. Добриот новинарски текст секогаш ви дава увид во поширок контекст, кој може да се осознае само доколку е изграден врз база на релевантни податоци. Таа семиотичка мрежа на податоци во случајот со денешните софтвери на ВИ сѐ уште не е возможна од причина што софтверот на ВИ може да комбинира само податоци кои се достапни во неговата архива, односно податоци кои се импутирани. Тој нема услови самостојно да оди на терен, да прибира податоци, да ги анализира, организира, толкува и презентира. Но не е исклучена можноста софтверите да добијат свои адекватни тела и сензори со кои ќе можат да прават проверки и тоа многу пообјективни од човекот.

Субјективизам 

Низа психолошки експерименти покажуваат дека човечкото сведоштво е изложено на преголем субјективизам. На пример во толпа од луѓе, човек краде паричник на повозрасна госпоѓа. Истиот настан го сведочат преку 20 луѓе и сите имаат различни верзии и изјави за тоа што се случило, а особено како изгледал човекот. Со прегледување на снимка од видео надзор се утврдило дека ниту еден од сведоците не дал 100% вистинити и точни информации. Некој видел жолта, наместо кафеава капа кај крадецот. Друг видел торба, наместо паричник и сл. Во секој случај човечкиот увид се покажува како доста субјективен и обоен со лични перцепции, доживувања и перспективи.

ВИ нема субјективизам. Барем нема засега. Иако може да конструира реченици кои започнуваат со „јас“ и навидувум софтверот ќе ви делува како секоја друга личност со која четувате преку фејсбук или инстаграм месинџер, досега не е утврдена можност за субјективни доживувања кај ВИ.

Токму ова оди на голема предност на ВИ кога е новинарството во прашање. Во случај кога софтвери на ВИ би можеле да се поврзат со роботика, а роботите би можеле да се движат физички, воспоставуваат контакт, одат на терен, дефинитивно роботот ќе пренесе многу пообјективни информации од терен од обичен репортер. ВИ ќе ви даде увид во сите точни информации од настанот без многу емоции и толкување.

Тоа е важно, особено за репортерската професија, за која пренесување на точни, проверени, документирани и вистинити информации е завет и заклетва на професијата.

Информација

Она што новинарите кои се плашат од ВИ не можат да го разберат е дека проблемот на современото новинарство не доаѓа од ВИ, туку од тековите во новинарството кои се присутни и пред навирањето на ВИ.

На пример денешното новинарство многу повеќе се темели на постојана репродукција на содржини и континуирана достава на информации. Или поинаку кажано, во голем број од случаите новинарството веќе не се разбира како професија на вистината, туку како професија на информацијата.

Овој концепт во новинарството е резултат на информатичкото општество, на пазарните текови во општеството, на трката по читаност на содржините, на ексклузивитетот за кој се борат новинските агенции, но и за восприемачите на содржини кои се доста пасивни и се навлечени само на информации. Денешниот човек сака да биде информиран, а таа задача им ја препушта токму на новинските агенции, медиумите и новинарите. Просечен човек има малку време да се занимава со проверка на факти бидејќи е заплеткан во мрежа од социјални односи, работа, низа улоги.

Секој од нас поминува многу време пред уредите за информирање, но само поради тоа што идеалот е да се биде упатен, а не помалку излажан и заблуден. На човечкото суштество му е многу поважно да биде инволвирано, одошто да располага со вистинити информации. Тоа добро го знаат маркетинг агенциите, новинските агенции и новинарите. Тие денеска прават ПР и се ориентирани кон постигнување на маркетиншки цели, бидејќи тоа им обезбедува опстанок на работното место и финансии.

Новинарството денеска не е професија на есенцијата, туку на егзистенцијата, која е врзана холистички со многу други фактори.

Автор: Магдалена Стојмановиќ

 

Можеби ќе ве интересира:

Дали ChatGPT лаже?