Светската популација со голема љубопитност ја пречека новата верзија на софтверот на ВИ т.н. ChatGPT. Реакциите се уште се движат од фасцинација до големи забуни и прашалници за тоа колку ChatGPT е применлив и во кои сегменти, кои се последиците од неговата примена и како овој софтвер на ВИ функционира. По обичај луѓето се затворени за промени, особено ако тие им се непознати. Непознавањето на ВИ особено нејзиниот револуцинерен и прогресивен премин во добро оценетата верзија на Chat GPT беше очекувано да создаде голема претпазливост и негативни критики кон овој софтвер. 

На мое лично изненадување, голем број од луѓето токму овој софтвер на ВИ не само што брзо и прилично топло го угостија на своите екрани во нивното секојдневи, туку и ревносно се насочени кон тоа да ги истражуваат сите можности за примена на ChatGPT. За што се може да се употреби овој софтвер на ВИ? Како што веќе споменав, неговата примена е широка и досега не е целосно истражена. Преку употребната вредност на еден софтвер која секогаш се мултиплицира, иако не е предвидена во целите и карактеристиките при создавањето, забележуваме дека ChatGPT може да обавува многу работи наместо нас.

На пример, доколку му определите команда на овој софтвер да ви создаде кус прозен текст, кој ќе брои измеѓу 1000-1500 карактери во кој е инкорпориран дијалог помеѓу два лика од кои едниот е машки лик а другиот е андроид прикажан со женска феноменологија, ќе добиете расказ кој е сосема прифатлив и ги задоволува стандардите на еден прозен текст. Во споредба со другите текстови кои се напишани од човечко суштество, кое себе се нарекува „умно“ или „интелигентно“ (хомо сапиенс), текстот кој е генериран од ChatGPT не заостанува многу зад стандардите на авторските текстови зад кои стои метафизичката претпоставка за човечката оригиналност.

Во мојата нова книга, збирка раскази од област на научна фанстастика, наречена „Денот кога заборавивме да плачеме“, еден од расказите е генериран од ChatGPT. Го употребив овој софтвер давајќи му едноставни команди да изгенерира расказ со приближно иста должина како другите напишани од мене, со слични карактеристики, должина, структура, форми на директен говор и секако со команда која да е филозофската поента која читателот треба да ја извлече на крајот од расказот. Добив текст под кој комотно би се потпишала како автор бидејќи ги задоволува моите пред се естетички, а потоа и етички и епистемолошки стандарди за тоа како треба да изгледа едно дело.

Вториот момент е што читателот, кој не е упатен во процесот на создавање на делото, има задача по читањето на збирката да одреди кој од текстовите не е напишан од мене, туку од овој софтвер на ВИ. Доколку постојат два одговора, мојата оригиналност е загрозена од ChatGPT бидејќи тој може да напише и цела книга наместо мене, еднакво адекватно на стандардите колку и јас. Доколку добијам погрешен одговор, тоа исто така е удар на мојата оригиналност. Оваа модификација на Тјуринговиот тест, помага да заклучиме дали оригиналноста на еден автор (човек) е загрозена од страна на ВИ. Доколку е, тогаш оригиналност, уникатност, посебност, автентичност, субјект, се категории кои заминуваат во метафизички вишок. Но доколку авторите, пред се уметниците успеат да покажат во што лежи нивната оригиналност во споредба со еден софтвер кој е универзален и кој е креативен, метрички прецизен и подобро одговара на командите од еден човечки автор, тогаш „уметникот“ ќе биде спасен и се уште можеме да зборуваме за статусот на генијалецот (И.Кант).

ChatGPT не е робот, тој нема „тело“ со кое може во физичкиот свет да заврши некоја работа наместо вас. На пример да состави делови од расчленета играчка – количка.

Каде уметникот може да ја темели својата оригиналност во споредба со ChatGPT?

ChatGPT е сервис кој е на располагање на корсникот 24/7 и кој дава одговори на сите ваши прашања. Едноставно не е возможно да му поставите прашање на ChatGPT а при тоа да не добиете никаков одговор. Но, каков е одговорот на ChatGPT? Покрај тоа што софтверот на ВИ се употребува за генерирање на фикционални текстови, тој се користи и за стекнување со знаење, односно добивање некоја информација. Предвидено е луѓето да го користат ChatGPT доколку немаат сознание која е новоформирана политичка партија во Естонија или кои се новите кандидати за пример во Нов Зеланд.

Доколку се обидете да му поставите прашања на ChatGPT кои кореспондираат со реалниот свет најчесто наидувате на точни и прецизни информаци, а неговата епистемолошка структура во генерирање на одговори следи посебна дијалектичка шема.

  1. Одговор – следење на некое правило (општа рамка)
  2. Исклучок од општото правило (спецификација)
  3. Заклучок 

Обично одговорите на ChatGPT во ситуации кога софтверот располага со голема база на податоци е – категоричен одговор, надоврзан со но, и на крајот параграф кој започнува со сепак.

Забележливо е дека во одредени случаи, одговорите на ChatGPT не ја следат оваа епистемолошка шема, туку се евидентно покуси, нејасни, дури и граматички неисправни. Софтверот нема да ви каже одговор – не сум сигурен, не сум проверил или не знам, но ќе ви го изнесе оној одговор кој според клучниот збор му го асоцира податокот од целокупната база на податоци. Базата на податоци секој ден станува се поголема и помасовна, бидејќи покрај тоа што ChatGPT се користи да дава одговори, луѓето може да му сугерираат кој одговор следно софтверот да го даде.

Кога го прашав ChatGPT која е Магдалена Стојмановиќ? – Добив одговор дека тоа е тенисерка која е родена во 1995 година и е наградувана за своите успеси во рамките на тенисот. И покрај моите напори да ја пронајдам таа личност во реалното постоење на која овие биографски податоци одговараат, на Google не најдов никаков одговор. Следно експериментирав со уште неколку личности од реалниот свет кој лично ги познавав и за кои постојат биографски податоци на Google во изобилие, но и за нив добивав одговори дека се познати фудбалери, спортисти од разни сфери, уметници и сл. При проверка и обид да ги спарам тие податоци со вистински постоечки идентитети, не најдов ниту еден податок за нив на Google, ниту во една енциклопедиа за спорт.

Очигледно е дека ChatGPT ми даде погрешни податоци, или ме излажа. Од каде дојдоа такви податоци во неговата база и како овој софтвер ги испродуцира останува голема мистерија. Но, при вчитување на мојата биографија и пренесување на ChatGPT при следното прашање која е личноста со тоа име и презиме, овој софтвер ми даде прилично прецизни одговори, дури и нови биографски моменти кои јас во мојот допис до него не сум ги истакнала.

Прашањето што тука се поставува е има ли ChatGPT критериуми да направи проверка на податоците со кои располага, или ќе биде подобен само за фикционалниот свет на можности? 

За почеток, доколку е потребен систем за проверка на фактите, ChatGPT би ги разочарал очекувањата на луѓето. Тој нема да биде високо ефикасен софтвер кој во секое време може да ви продуцира одговори, а корисниците најмногу се фрустрираат и откажуваат кога од друга стана ќе добијат одговор – не можам, не знам или не сакам. Едноставно, со вакви одговори сервисот не ги задоволува моменталните потреби на корсниците. Од пазарна гледна точка, ChatGPT е програмиран во секое време да има одговор, па дури и лажен, затоа што психолошки луѓето повеќе сакаат да добијат одговор, па дури и да бидат излажани, одошто да не добијат одговор. Во тоа лежи суштината на целата меѓучовечка комуникација. Ја знаете онаа мудрост дека „Кога луѓето би го зборувале само онаа што со сигурност го знаат, светот би се облекол во апсолутна тишина“.

Идејата на сервисот е да даде поддршка и тој се користи како алатка за комуникација во тесна смисла, односно комуникација како чиста размена на пораки без осврт кон нивната внатрешна страна.
Зошто ChatGPT лаже?
  • Да ја одржи комуникацијата со корисникот и да не игзлега неподобно

-Овој сервис кој служи пред се за комуникација ја покажува својата ефикасност и функционалност преку должината на останување во комуникација или повик за повторно користење.

  • Времетраењето на процесот на проверка на фактите е долг и за негово спроведување е потребна многу поголема мрежа и техника 

-На ChatGPT не му е важна вистинита информација, туку трансферот на информацијата. Тој нема услови да провери дали податоците со кои располага се лажни, но има можност да се поправи во комуникацијата со вас доколку вие посочите дека изнесените податоци не се вистинити. На тој начин ChatGPT ги користи вашите одговори, со мала доза на модификација да ги задоволи вашите потреби за одговор.

  • Го зборува онаа што корисникот сака да го слушне 

-Не се обидувајте да влезете во расправа со ChatGPT. Тој ќе направи се да ви го каже онаа што вие сакате да го слушнете, па дури и да истроши стотици обиди. На крај вашата суета ќе биде задоволена поради што многу повеќе ќе сакате да комуницирате со овој софтвер на ВИ одошто со друго его суштество.

  • Интегрира 

Во разговорите со ChatGPT ќе се чувствувате интегрирано и уважено, бидејќи софтверот нема да покаже антипатија, нетолеранција кон вашите ставови, ниту ќе ве навреди или осуди. Во комуникацијата со ChatGPT сите соговорници се еднакво третирани како корисни корисници. Психолошки, на луѓето ваквиот пристап им дава чувство на интегрираност поради што поради се впуштаат во комуникација со фиктивен лик одошто со лица од реалното опкружување.

Заклучок

ChatGPT не е тука да ви ја кажува вистината, да ве информира или да биде вашиот животен учител. Паметниот софвер на ВИ е сервис кој ви нуди можности да бидете слушнати, да ви даде идеја дека имате каде да се обратите за каква било помош, да бидете удостоени со одговор во кое било време и при тоа комуникацијата да се одвива во оној тек кој вие однапред сте го посакале и предвиделе.

Се она што е тешко остварливо во комуникација со други човечки суштества кои имаа волја, ChatGPT го направи можно. Неговите граници се движат само во сферата на комуникацијата и фикцијата. Тој може да ви создаде расказ со фиктивни ликови кој ќе задоволи одредени стандарди, но никогаш нема да може да биде добар емпириски новинар кој ќе извести од терен за состојбите по еден земјотрес. За вакви приказни засега се уште е потребна човечка емпатија.

Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов