Добредојдени сте, вратата секогаш ќе ви биде затворена. Степенот на пристојност ве прави непожелни гости, нè срамите пред другите.
Алегоричен приказ на пораката која ЕУ, веќе се брои во децении, како ни ја адресира одново и одново. Веројатноста да влеземе низ вратите на лицемерно гостопримливиот домаќин се зголемува со подобрување на перформансите на маскембалниот костим. Македонија на вратите на ЕУ следно, може да дојде прерушена во добриот, но грд и од претовареност – грбав, ѕвонарот од Богородичната црква во Париз, или поштарот кој никогаш не доцни да ги донесе „кодош“ информациите од истокот.
ЕУ со години наназад ги тестираше нашите можности за моделирање. По некое време стана апсолутно непожелна, само македонските политичари уште нè радуваа со некоја имагинарна ЕУ, како што возрасните ги плашат децата со непостоечката „бабарога“. ЕУ нè збратиме и посестри со луѓе со кои немаме дури ни пријателска идеологија и историја, нè мажеа и женеа со се она што не е за брак, нè трговеа на пазар на труд како „коњска сила“ која живее само за храна и вода (со по некое пиво) и секако ни покажаа колку сме заостанати и затуцани.
Ни донесоа нови вредности, нè научија дека борбата за праведноста е еднаква на борбата за права на што е можно посебични поединци, нè научија дека само со сурова борба и истакнат индивидуализам, се доаѓа до успех, а успешните одат директно во рајот, а и да, нè научија дека идентитетот е само конструкт и целосна измислица.
Не научија дека можеме да си го менуваме родот, дури и полот, дека името е чиста конвенција и секој може да го менува поради полесен изговор, нè научија и дека знаме, химна и историја имаат пазарна вредност и во преговорите некој друг во име на сите претходни и идни генерации може да им ја одреди цената.
Нè научија и дека борбата за прогрес на сопствениот пол треба да се разбира како еротска љубов кон сопствениот пол, па геј парадите станаа критериум за прогрес, а се она што е етичко и морално се прогласи за традиционално, нè научија и дека не се важни спецификите помеѓу јазиците и така сите треба да се разбираме на еден јазик, како човек ex machina.
И така додека чекоревме по патеките на ЕУ, игнорирајќи ги сите буричкања по нервот на јадрото на идентитетот кои беа исклучително болни, научивме дека ЕУ не е тука да ни ја обезбеди ветената иднина, туку да ни ја продолжи болката. Така и одговоривме, доста ни е и од добрата ЕУ и од вистинската ЕУ и од политичарите кои не лажат за некоја ЕУ, ниту веќе знаеме која е таа ЕУ, ниту каде треба да одиме. Баш како Евреите за време на Втора Светска Војна, чекајќи го својот транспорт до логорите!
Автор: Магдалена Стојмановиќ