Блашка Ми Ева е ликовен уметник од Скопје. Дипломирала на факултетот за Ликовни уметности во Скопје, при што се стекнува со звањето – дипломиран сликар.

Има реализирано 10 самостојни изложби и многубројни групни изложби и мозаици на јавен простор, во Кочани, Неготино, Скопје и други градови низ Македонија.

Неколку години е едукатор по предметите Ликовни елементи и Принципи и Теорија на бои. Блашка Ми Ева работи и на дизајнирање на накит кој е препознаен на македонскиот пазар како бренд и синоним за автентичнен накит од рангот на високата естетика.

  • Ти си сликар, но и изработуваш предмети за секојдневна употреба – накит, картички, обележувачи за книги и сл. Дали твојата работа може да ја наречеме со други зборови и применета уметност и која е разликата помеѓу применета и ангажирана уметност?

Блашка Ми Ева: Да, јас сум сликар, пред се ликовен уметник. Работам во поширокиот спектар на ликовната уметност, применетата уметност и дизајнот. Во денешно време сите овие гранки заедно се неделиви според мене.

Во моите дизајни на накит пред сѐ има форми и ликовни вредности кои се дел од ликовната уметност, дизајните се спој на ликовните елементи и принципи, а самото парче накит е применета уметност.

Но јас секогаш велам за уметничкиот дизајнерски накит дека е, „парче уметност во мал формат“.

Истото важи и за картичките, обележувачите за книга, илустрациите и рачно сликаните перници. И притоа мислам дека мојата работа не е лесно да се категоризира.

А која е разликата помеѓу применетата и ангажираната уметност?

Применетата уметност е насекаде, и во сечиј дом, со цел да ни го разубави живеењето и да ни ја подобри естетската слика на нас и околу нас. Но ангажираната уметност не е ни одблиску слична на применетата. Тоа е уметност во која се служи на некоја кауза, се критикува, се отсликува реалната, грдата, социјалната страна на нештото.

Се преиспитува, се анализира, се прикажува бруталното и без филување е многу нападна и гласна. И преку сето тоа, служи да ја промени социјалната проблематика која е застапена во одредена тема.

  • Уметниците денеска се почесто работат на создавање на свои брендови на производи кои ги инкорпорираат нивните оригинални авторски слики и дела воопшто. Дали корпоративната уметност е резултат на потребата уметникот да се прилагоди на современиот систем на општествено уредување, а при тоа да остане оригинален и репрезентативен во прикажување на својот талент?

Блашка Ми Ева: Како што веќе напоменав, тоа е спој, уметничко – дизајнерски спој, кој секако е наменет да се прилагоди но и да помогне на ликовните уметници и дизајнери пред се да заработуваат од своите професии.

Многу е тешко во денешно време да се заработува само од една уметност како професија, од тие причини многумина од уметниците, без разлика за која уметност станува збор (ликовна, применета, дизајн, музичка, филмска, мултимедиа, литература, моден дизајн и многу други гранки), работат спој од ликовната естетика и применетиот дизајн.

И да, секако дека тука потребата на уметникот е да ја прикаже својата работа, но и да ја задржи својата способност за уметнички израз кој ќе остане доследен на квалитетот.

  • Ако мораш да избереш едно изразно средство како ликовен уметник – боја или форма, што ќе биде тоа?
  • Се чини дека денеска уметноста е на секаде, или таа не е никаде. Веќе не постојат ригидни правила за тоа што се смета за уметничко. Прекрасни дела можеме да сретнеме и надвор од галериите, музеите, концертните сали и т.н. Уметноста денеска не е строго институционализирана, а има и стрит уметност, графити и сл. Дали според тебе, тоа ја прави уметноста поразновидна и поприсутна или поотсутна во смисла дека не се знае веќе строго што е разликата помеѓу уметничкото и неуметничкото?

Блашка Ми Ева: Уметноста постои секаде. Но ретко кој има способност да ја види. Уметничкото и неуметничкото постоеле од кога постои човештвото. Уметноста не е само за во музеите и галериите, таа треба да е достапна на сите. Но единствената разлика е во тоа што ретко кој може да ја види вистински и да ја доживее. Но на крај, се сведува на тоа дали ќе побуди некаква емоција во нас, ако не постои апсолутно никаква вибрација кога восприемаме едно уметничко дело, тоа дело е неуметничко. Многу е едноставно.

Малите деца сето тоа го восприемаат вистински, кај нив нема лажни вибрации од уметноста. Или има момент на „Wow“, воодушевување, или има момент на „Бљак“, одвратност. Од тие причини работам и монументална уметност, мозаици на јавен простор.

Таквите проекти може секој да ги види. Јас не сум до делото да го објаснам, делото си зборува за себе. Истото се однесува за секоја уметност на јавен простор, дали е тоа мурал или графит, или музичари кои настапуваат на отворен простор или слично.

Мојот став е дека уметноста треба да е достапна секому. Но свесна сум дека не е за секого. И тоа е сосема во ред.

  • Дали современиот начин на живот – недостаток од време за посета на културни објекти, масовни медиуми, комуникација која се одвива со посредство на технологија, седентарен тип на живот и сл. влијае и врз тоа сликарството се повеќе да се поместува од оската на платното?Дали можеби во блиска индина сликарството ќе е поприсутно на други површини одошто на платното, бидејќи уметниците немаат ефект од приказот на нивното дел само на платно?

Блашка Ми Ева: Не би рекла дека традиционалното сликарство е во изумирање. Сликарските техники кои се многу на број, денес имаме можност да ги видиме секаде, од современото рачно сликање на торби, блузи, перници, body art, мурал сликарство и многу други начини на сликање, кои се прилагодени на потребите.

Платното е само една подлога, симболика за чиста „слика“ на нештата, но не и единствено за да се изрази уметничкиот израз во чиста форма. За жал, на ова поднебје сѐ уште класичната слика на платно е единствената уметност која многумина ја преферираат.

Но, целта на уметникот е да ги поместува границите, да едуцира, да внесува новости, да се бунтува, да биде различен. А колку тоа ќе биде прифатено од севкупната публика, искрено не треба да го засега уметникот.

Ликовната едукација е таа која недостига во целост, од сите области. Видовме дека овие две години уметноста многу луѓе спаси од лудило. Затворени дома, се свртија кон нивната креативна енергија, за да излезат од бруталната реалност која сите ја доживеавме.

Впрочем и оската на уметноста се помести со тоа што луѓето почнаа да ги забележуваат убавите нешта околу нив. Посета на изложба, посета на концерт, театар, сега е луксуз, и сега се доживува со целосно внимание и перцепција.

Уметноста не лекува и не спасува од секојдневното лудило.

Интервјуто го реализираше: Магдалена Стојмановиќ