Оптимизмот е секогаш врзан со иднината. Тој е врзан со надеж или очекување на некое добро кое треба да дојде. Согласно разбирањето на модалитетите на временитоста кај Хусерел, оптимизмот нема онтолошка основа, има само феноменолошка. Тој е врзан со иднината која како модалитет на времето се појавува во форма на содржина на свест – сега. Затоа модалитетите на времето, како и се што е врзано содржински за нив не се реални бидејќи секоја содржина се појавува во свеста СЕГА и таа е актуелност.
Потребата од оптимизам не се правда со реалното согледување дека нешто е добро, туку со волев порив да се излезе од нешто што не е добро. Или симплифицирано кажано, оној што има добра сегашност не мора да се надева на добра иднина, за него доброто е веќе актуелност. Само оној што нема добра сегашност, се надева на добра иднина! Во суштина егзистенцијалистички гледано, дефиницијата за еден оптимист е еквивалентна со биографијата на еден несреќен човек. Тој секогаш живее во некое временско растргање дека ќе дојде некое добро кое тој го нема и ќе премине од состојба на немање на доброто во состојба на имање на доброто или уште пострашно доброто го согледува како случајна средба или резултат на фаталистичка нужност.
Да се биде оптимист не значи секогаш да се биде наивен, понекогаш оптимистот е многу свесен за својата моментална состојба и е незадоволен од неа, но бунтовнички постапува кон својата сегашност негирајќи ја со надеж дека таа во временската растегливост ќе се изнегира сама себе си и ќе премине во својата спротивност.
Да се биде оптимист во Македонија не само што е тешко од егзистенцијалистички причини, тоа е скоро невозможно. Во последната деценија иднината на Македонија се замислува како светла иднина на еден историски обесправен и понижен народ кој себе се гледа во унијата на Европа. Но, негирајќи ја перцепцијата, па и субјективното чувство на македонското колективно битие што се врзани за минатото, доајените во демократијата и залагачите за европските космополитски вредности ја спречуваат и светлата иднина на Македонија и го потврдуваат ужасното чувство на обесправеност и пониженост.
Ако таа иднина не е светла, по автоматизам треба да биде мрачна. Но уште полошо е што постои неизвесност за иднината, а кога има неизвесност каква и да биде иднината ќе се прифати во состојба на збунетост и пасивизирање на реакциите. Затоа ние како народ по принцип немаме реакција за ништо што е од суштинска важност за нашиот колективитет.
Ова е иднина на нечија сегашност. Ако нашата сегашност е нечија иднина, тогаш каква ли ќе биде иднината на оние што ова сегашност е нечија иднина?
ЕУ е се подалеку како се доближуваме до неа. Во време кога евроскептицизмот расте, невозможно е да се бара последнаа сламка за спас токму во ЕУ. Оти ЕУ не го потврди своето постоење ниту во пандемијата, ниту во енергетската и економска криза, ниту во соодветен одговор на војната која се води на тло на Европа и во 21 век. Некои работи се предвидливи, па затоа и Ремарк својот роман за војната го назначи како „На запад ништо ново“. ЕУ нема дипломатски одговор и води сериозен проблем со потврдување на своите базични вредности поради кои се идеализира и посакува. Ако досега ЕУ постоеше само во нашите глави или евентуално во неискусните и залажани детски срца, сега таа не постои ниту таму.
Тогаш каде одиме и на што се надеваме? Quo vadis Domine?
Ако излезот за нас беше членство во унија која ќе не направи поголеми, посилни и рамноправни, се помали се шансите да се развива таа космополитска идеја дека цел свет братски ми е, срце порта највисока и срце куќа најширока. Наместо конечно да се случат промени во колективната свест, ние се повеќе се затвораме во националистички чаури, се повеќе имаме потреба да се афирмираме како национален субјект, развиваме параноја и ксенофофија. Фашизмот над кој му прогласивме победа уште пред 80тина година сега повторно ни чука на врата, преоблечен, дотеран, нашминкан со сенки во боите на ЕУ и посилен од претходно.
Во вакви околности да се биде оптимист е да се живее во постојано бегство, од себе си, од државата, од власта, од светот, од вселената. Но секој оптимист заспива со знаењето дека веќе нема КАДЕ да побегне!
Автор: Магдалена Стојмановиќ