Бил Гејтс предупреди дека вештачката интелигенција (ВИ) значително ќе го трансформира пазарот на трудот и може да доведе до исчезнување на бројни професии. Сепак, според него, три занимања нема целосно да бидат заменети од технологијата и ќе останат клучни и во иднина: програмерите, биолозите и експертите од енергетиката.

Гејтс смета дека програмерите ќе останат неопходни за развој, подобрување и контрола на системите базирани на ВИ. Иако алатките со вештачка интелигенција можат да генерираат код, човечката експертиза е пресудна за решавање сложени проблеми и обезбедување сигурност и функционалност на алгоритмите.

Во областа на биологијата, ВИ може да анализира огромни количини податоци и да помогне во дијагностика, но не може самостојно да поставува нови научни хипотези или да спроведува истражувања што водат до големи откритија. Затоа, научниците ќе продолжат да имаат централна улога во развојот на медицината и науката.

Енергетскиот сектор, пак, е премногу комплексен за целосна автоматизација. Според Гејтс, таму се потребни стратешко размислување, управување со ризици и носење одлуки во кризни ситуации – вештини што не можат лесно да се заменат со алгоритми.

Тој објаснува дека ВИ најмногу ќе ги замени рутинските и повторувачки задачи, со што ќе ја зголеми продуктивноста и ќе ја намали потребата од одредени профили на работници. Наместо само да ги автоматизира работните места, вештачката интелигенција ќе ја промени самата природа на работата, што ќе бара прилагодување на општеството и развој на нови вештини.