Екстремно високите температури што во летниот период ја зафаќаат земјава, а особено главниот град, се причина за зголемување на користењето на клима-уредите во домовите, но и во автомобилите.
Придобивките од користењето се и повеќе од добредојдени, бидејќи никој не сака да „се пржи“ на +40 степени, меѓутоа никој не размислува за сериозните негативни последици од користењето на системите за ладење во возилата.
Секој што во својот автомобил има исправен клима-уред го вклучува за да патува во пријатна атмосфера од една до друга дестинација.
Сепак, користењето на клима-уредите треба да биде умерено, а температурата речиси секогаш да биде околу 24 степени, иако и таа е проблематична во Скопје, бидејќи на жешкиот асфалт во автомобил, температурата може да се искачи и до шеесеттиот степен.
Потребно е внимателно и свесно користење на клима-уредите, бидејќи секоја нагла промена на температурата може да предизвика сериозни здравствени проблеми за возачите.
Според докторите од скопската итна медицинска помош, мора да се внимава при користењето на клима-уредите во возилата и температурата секогаш да биде приспособена.
Кога се користи клима-уред во возилото, настануваат проблеми со циркулацијата, а доколку температурата надвор е 40 а во возилото 23-24 степени, се случуваат температурни шокови. Најчесто, при нагло излегување на високите температури се случуваат заматување на видот, вртоглавици, нестабилност, проблеми со одењето, губење на свеста – советува доктор од итната медицинска помош.
Треба да се направи адаптација на температурата доколку треба да се излезе од возилото. Да се отвори прозорецот за да се измеша воздухот, а потоа и вратите за да се приспособи температурата – вели тој.
Граѓаните велат дека не им придаваат многу значење на овие работи.
Проблематични се и возилата што воопшто немаат клима-уреди, а стојат на директна изложеност на сонце подолго време. Температурата во нив е повисока и за 20 степени од онаа што е надвор, а која во летните периоди е околу 40, па и повеќе степени.
Разликата помеѓу внатрешната и надворешната температура не смее да биде преголема, поточно не смее да биде поголема од 7 до 10 степени. Во спротивно, организмот нема да може за кратко време да се приспособи на наглата промена на температурата и на тој начин доаѓа до шок, кој негативно влијае врз здравјето на луѓето.
Долготрајната изложеност на ладниот воздух од клима-уредот исто така може да влијае и врз работата на метаболизмот. Особено внимание треба да им се посвети на најмладите, на децата, бидејќи предолгото присуство во климатизирана просторија може да доведе до инфекција во увото.