Лица со транспланитирани органи и лицата кои се на дијализа кај кои поминале шест месеци од втората вакцина веќе може да се пријават за трета, бустер-доза за заштита од ковид-19.

Министерот за здравство, Венко Филипче, рече дека, засега, само компанијата „Фајзер“ има анализи врз основа на кои е веќе препорачана трета доза кај лица со хронични болести.

Сè уште нема официјална препорака за трета доза кај сите останати, но голема е веројатноста наскоро да биде препорачана.

Препораката е дека треба да поминат шест месеци од втората вакцина за да почне вакцинацијата со трета односно бустер-доза. Најнапред во тие анализи и студии е компанијата „Фајзер“ со којашто имавме состанок и ни укажаа на тоа дека голема е веројатноста дека ќе препорачаат трета, бустер-доза за сите граѓани по шест месеци од примената ревакцина. Официјалните препораки сè уште ги очекуваме, а нашиот Комитет за имунизација ги чека токму официјалните за ние тој дел, исто така, да го препорачаме. Веќе официјално е препорачана трета доза за имунокомпромитирани пациенти, оние кои се на хронична дијализа и транспланитраните, но треба да помине период од шест месеци, луѓето може да се пријават – рече Филипче.

Тој нагласи дека според податоците со кои располагаат досега, трета доза „Фајзер“ може да се прими без разлика од која компанија се првите две примени вакцини.