Во социолошката литература се среќава терминот договорени и принудни бракови под сосема различни дефиниции, но во реалноста договорените и принудните бракови имаат заедничко подмножество.

Многу често договорените бракови се случуваат без да се бара согласност од идните брачни партнери, па затоа може да се стави знак на еквивалентност помеѓу договорените и принудните бракови, односно да се третираат како хомоними.

Постои мала разлика помеѓу договорените и принудните бракови во теорија. Под принуден брак се смета брак кој е заснован против волјата на барем едниот од брачните партнери, односно без негов избор и доброволност. Такви бракови обично се дел од традицијата одредени етничките групи низ Македонија или во рамките на руралните средини.

Договорените бракови, не нужно ја исклучуваат целосната одоброволеност на брачните партнери да стапат во брак, но се подразбира дека дури и тие самостојно да донеле одлука за склучување на брак, треба да побараат согласност или „аманет“ од дурите, обично повозрасни членови на нивното семејство и пошироката заедница.

На пример и денеска низ руралните средини во Македонија, при некои претсвадбени церемонии, идниот младоженец во прируство на своите родители ја бара раката на својата иднина невеста од нејзините родители. Оваа традициска форма е еклатантен пример за договорен брак кој е заснован на доброволна основа од двајцата идни брачни партнери.


Мотиви за склучување на договорени и принудени бракови
Бракот е основата за едно семејство, а во македонското општество бракот, семејството и домаќинството се тесно испреплетени. Принудените и договорените бракови функционираат, а брачните партнери ги обавуваат сите функции, но мотивите за склучување на договорените и принудените бракови се обично економски.

Економската димензија на бракот во македонската традиција е претставена најдобро преку миразот или невестинскиот дар. Тој ја покажува економската состојба и социјалната положба на идната невеста и колку е поголем миразот, толку се поголеми шансите дека таа да се омажи за некој што припаѓа на повисоките социјални слоеви.

Освен миразот, познати се примерите во кои родителите на идната невеста, земаат пари или други вредни работи од младоженецот пред да дозволат официјално да биде склучен бракот.

Дури и денеска на некои свадби низ Македонија можете да сретнере обичаи во кои младоженецот, деверот и другите членови на семејството, даваат пари на семејството на невестата со цел да им се дозволи влез во домот на невестата.
Во рамки на принудните бракови обично семејството на невестата зема пари за откуп.

Денеска голем број ергени особено од руралните делови низ Македонија кои неуспеале да се оженат до средни години од својот живот, се женат со Албанки од пограничните области на Албанија, при што услов да се склучи бракот е младоженецот да плати и до неколку илјади евра на семејството на својата идна сопруга.

Во рамките на договорените бракови пак, економските мотиви се задржување на социјалниот статус на семејствата. На пример децата на побогати семејства уште од мали се насочуваат кон својата социјална група, се со цел да не се направи поголема мобилност на социјалните слоеви по склучување на бракот.

Еден од попознатите примери за договорени бракови денеска, е склучувањето на брак со странски државјани со цел добивање на потребна документација за жителство или државјанство во друга држава. Бракови заради документи, како што популарно се нарекуваат, не обавуваат ниту една функција на бракот и тие се фиктивни бракови. Во суштина се прави злоупотреба на правните алатки со цел стекнување на економска корист.

Уште еден познат пример за договорени бракови денеска позади кој се кријат исклучиво економски мотиви се бракови кои се засноваат со пензионери. Договорот помеѓу двете страни е пензионерот или старото лице на издршка да ја добива потребната нега, а за возврат по неговата/нејзината смрт брачниот другар да се стекне со имотна корист и наследување на пензијата. Овие бракови со пензионери, се уште еден пример за фиктивни бракови.

Правна забрана на принудени и договорени бракови
Во граѓанскиот концепт на брак, се забранува било каков вид на принуда за стапување во брак или договор на трета страна без согласност на идните брачни партнери. Во Член 40 од Уставот се предвидува родителската должност, но не се споменува концептот на т.н. брачна должност.

Зборот должност се избегнува кога е во прашање бракот, бидејќи под бракот се подразбира договор на рамноправни поединци кои доброволно стапуваат и остануваат во брачен однос. Брачните односи во Македонија се уредени со Закон за семејство.

Во Член 6 се дефинира бракот како „со закон уредена заедница на живот на маж и жена во која се остваруваат интересите на брачните другари, семејството и општеството. Односите меѓу брачните другари се засноваат врз слободна одлука на мажот и жената да склучат брак, врз нивната рамноправност, меѓусебно почитување и заемно помагање.“

По Закон за семејни односи, бракот во Македонија е моногамна, хетеросексуална заедница која се заснова на доброволен основ помеѓу рамноправни единки кои делат вредности на брачна заедница како што се заемно помагање и меѓусебно почитување.

Во рамките на европските држави, принудните бракови се забранети од Советот на Европа преку усвојување на Истанбулската конвенција во 2011, во која по Член 32 и 37 се предвидува олеснителна околност за раскинување на брачна заедница доколку државата утврди дека е заснована под принуда и договорените страни од принудниот брак се теретат за криминални активности.

Македонија ја потпиша Истанбулската конвенција истата година кога е усвоена од Советот на Европа, но нејзиното ратификување беше закочено скоро 7 години во институциите на извршната и законодавната власт. Во 2018 година, Собранието го изгласа Законот за ратификација на Истанбулската конвенција, по што во Македонија и со овој меѓународен акт целосно се забрануваат принудните бракови.

Прекинување на договорен или принуден брак
До прекинувањето на договорениот или принудниот брак доаѓа многу тешко, пред сè, затоа што брачните партнери, не го сметаат ниту разводот, како и бракот за своја одлука. За договорените и принудните бракови важи синтагмата „додека смртта не ги разведи“.

Разводите во рамките на традицијата се сметаат како загуба за целото семејство, а не лична загуба и обично за разведените партнери се смета дека ја посрамиле фамилијата и не го испочитувале заветот на своите родители.

Разводот станува реалност колку и бракот во моментот кога на сцена се појавува концептот за граѓанскиот брак. Бракот се смета за заедница во која доброволно се влегува и се останува се додека постои добра волја од страна на двајцата брачни другари да ја одржат брачната заедница. Во сите други случаи, дури и кога отсуствува волјата на само еден од брачните партнери законот дозволува прекин на бракот.

Во прилог на тезата дека со намалување на принудените и догворените бракови се зголемува и стапката на развод, говори и фактот што во последната деценија отткако е актуелен концептот на граѓански доброволен брак, статистички е забележан пораст на развод на бракови. Според податоците на Државниот завод за статистика од 2010 година до 2021 година, бројот на разведени бракови не е под 1000 што е скоро 10% од бројот на склучени бракови во истата година.

За граѓанскиот брак не важи само доброволност од сопружниците да се влезе во брак, туку и во него да се остане. Од таа причина, разводите се поголема реалност за граѓанскиот брак, кој брачните другари го прекинуваат доколку се појави недоброволно останување во бракот барем од едната страна.

Во соодносот на бројот на склучени бракови во рамки на една календарска година и бројот на разводи треба да се земе предвид и тоа што процедурите за склучување на бракот се многу поедноставни и не подлежат на никаков судски процес, додека процедурите за раскинување на брачната заедница понекогаш траат и со години и вклучуваат долги и исцрпувачки судски процедури.

Здрав развод наместо фиктивен брак
И покрај тоа што граѓанското општество забранува принудени бракови и остро се противи на договорените бракови, тие остануваат невидлив и широкораспространет дел од македонското општество. Особено чести се случаите на договорени бракови со странски државјани поради документи или со пензионирани лица на издршка поради наследување на пензијата по нивна смрт.

Државата нема механизам да утврди злоупотреба на правото и на брачната заедница за остварување на лична корист. Од суштинско значење е да се одреди договорена форма на бракот, односно постоење на фиктивен брак особено во случај со наследување на пензијата, бидејќи тоа носи и економско оптретување на средства од буџетот.

Во Македонија не постои ниту едно функционално граѓанско здружение или НВО што се бори против принудните и договорените бракови, иако македонското општество е средина во која принудните и договорените бракови цутат.

Бракот и разводот се посматраат низ призмата на црно-бело, или-или, односно апсолутистички. Секој брак е добар, а секој развод лош. Освен што традицијата ги дискриминира разведените лица одземајќи им го угледот и делувајќи во реструктурирање на нивните социјални односи, институциите исто така придонесуваат за дискриминација на разведените лица.

За склучување на брак потребно е многу помалку време бидејќи процедурите се значително скратени, додека за раскинување на бракот судските постапки се комплицирани и отежнати. Правниот систем не го разделува брачниот, од семејниот живот, па до прекин на бракот не може да дојде се додека јасно не се утврди поделба на имотот, старателство врз децата, висина на алиментација и сл.

Автор: Магдалена Стојмановиќ