Емисијата „Коридор 8“ од неодамна почна да се емитува на социјалните мрежи и предизвика огромно јавно внимание во Македонија и Бугарија.
„Коридор 8“ е творечки проект на Атанас Величков од Скопје и Георги Станков од Хасково.
Идејата на емисијата е да ги поттикне луѓето од Македонија и Бугарија на комуниција со цел да се срушат стереотипите и апстракциите кои политиката и медиумите ги имаат искреирано и кои се „виновни“ за недостатокот на комуникација помеѓу обичните луѓе од Македонија и Бугарија.
Факт е дека обичните луѓе од двете земји имаат многу повеќе заедничко од секојдневниот живот, отколку што имаат разлики што ги отуѓуваат и предизвикуваат фиктивни конфликти.
Стереотипите и апстракциите може да се разбијат само со разговор, со непосредна комуникација и со запознавање. Не постои прототип за припадник на една националност, постојат конкретни луѓе, со конкретни судбини – човечки и слични на нашите.
–Ако човечкиот аспект се стави пред националниот ќе создадеме обединување наместо деструкција, – е ставот на творците на проектот.
Емисијата „Коридор 8“ се емитува секој петок во 19.00 часот, а гости се обични луѓе од Македонија и Бугарија кои со гледачите споделуваат рецепти за правење ајвар, ракија, кои ги запознаваат гледачите со културата во која припаѓаат и ја запознаваат културата на другите, во опуштен амбиент без претходно подготвени сценарија и модераторски реферати.