Жена од американската држава Јута е прогласена за виновна за тешко убиство откако го отрула својот сопруг со фентанил, а потоа објавила детска книга за справување со загуба.

Поротата ја осуди Кури Ричинс за убиството на нејзиниот сопруг Ерик Ричинс, кој починал во март 2022 година, откако испил коктел во кој, според обвинителството, била додадена петкратна смртоносна доза од синтетичкиот опиоид.

Обвинителите наведоа дека мотивот бил финансиски – Ричинс била во долг од околу 4,5 милиони долари и верувала дека по смртта на сопругот ќе наследи имот вреден повеќе од 4 милиони долари. Дополнително, таа наводно имала и љубовна врска и планирала нов живот.

Случајот вклучува и претходен обид за труење, кога на Денот на вљубените му дала сендвич со фентанил, по што тој изгубил свест. Поротата ја прогласи за виновна и за фалсификување и измама поврзани со осигурување.

Во текот на судењето беа презентирани пораки со маж со кого имала афера, како и интернет-пребарувања поврзани со смртоносни дози и последици од труење.

Судењето беше скратено откако обвинетата се откажа од сведочење, а одбраната не повика сведоци. Поротата донесе пресуда за помалку од три часа.

Изрекувањето на казната е закажано за 13 мај, а за тешкото убиство ѝ се заканува казна од 25 години до доживотен затвор.

Семејството на жртвата изјави дека конечно добиле правда и дека ќе се фокусираат на поддршка на неговите деца.