Полска годинава се најде високо на листата омилени европски дестинации за кратки патувања за Божиќ и Нова година, покажува извештајот на порталот Travel and Tour World (TTW), еден од водечките светски медиуми во туристичката индустрија. Во фокусот се особено два града – Краков и Варшава.
Растечкиот интерес за Полска како зимска туристичка дестинација се објаснува со празничната атмосфера, длабоко вкоренетите традиции и умерените цени. Во време кога патувањата низ Европа стануваат сѐ поскапи, Полска се издвојува како поповолна алтернатива без компромис во квалитетот. Дополнителен адут е и богатата гастрономија, заснована на традиционални рецепти.
Сѐ повеќе туристички водичи и гастро-портали препорачуваат во зима да се пробаат сезонски специјалитети како пироги (полски кнедли со разни полнења), баршч со ушки (супа што традиционално се служи на Бадник) и маковец – колач со афион, неизоставен дел од празничната трпеза.
Според податоците на Kiwi.com, бројот на резервации за Полска пораснал за повеќе од 55 проценти во однос на лани, а во празничниот период дури се утроил. Најмногу посетители доаѓаат од Шпанија, Велика Британија, Италија и Романија. Од Букурешт има директни летови кон Гдањск, Варшава, Вроцлав и Краков со Wizz Air, додека Ryanair лета до Краков, а LOT до Варшава.
Просечната цена на авионска карта изнесувала 123 евра, што е пониско од минатата година, а престојот трае околу шест дена. Доколку трендот продолжи, експертите сметаат дека Полска има реални шанси да стане сериозна конкуренција на традиционалните зимски дестинации како Австрија и Германија, со оптимистични прогнози за хотелскиот и угостителскиот сектор.

















