Прва детска амбасада Меѓаши во 2024 година остварила вкупни приходи од 31.752.126 денари (околу 516.300 евра), што претставува значителен раст во однос на 2023 година, кога приходите изнесувале 21.321.647 денари (околу 346.700 евра). Тоа е зголемување од над 10,4 милиони денари (околу 169.600 евра), односно речиси 49 проценти повеќе во споредба со претходната година.
Најголемиот дел од приходите во 2024 година потекнуваат од донации, грантови и членарини, кои изнесуваат 27.558.161 денар (околу 448.100 евра). Во однос на 2023 година, кога оваа ставка изнесувала 19.127.667 денари (околу 311.000 евра), забележан е раст од повеќе од 8,4 милиони денари (околу 137.000 евра).
Дополнително, здружението прикажува и пренесен вишок од приходи од претходната година во износ од 3.835.762 денари (околу 62.400 евра), што значително ја зголемило вкупната финансиска маса со која располагало во 2024 година.
Раст на трошоците за авторски договори, платите остануваат најголема ставка
Податоците од финансискиот извештај покажуваат дека значаен дел од средствата биле наменети за договори на дело и авторски хонорари, за кои во 2024 година се исплатени 3.049.001 денар (околу 49.600 евра). Во споредба со 2023 година, кога за оваа намена биле издвоени 2.378.697 денари (околу 38.700 евра), се забележува зголемување од околу 670 илјади денари (околу 10.900 евра), односно раст од приближно 28 проценти.
Најголем расход и понатаму се бруто платите, кои во 2024 година изнесуваат 7.679.516 денари (околу 124.900 евра). Оваа сума е малку пониска во однос на 2023 година, кога платите и придонесите изнесувале 7.837.859 денари (околу 127.400 евра), но и натаму претставуваат најголема поединечна ставка во трошоците на здружението.
Значајна промена се забележува и кај набавката на основни средства, за која во 2024 година се потрошени 4.557.830 денари (околу 74.100 евра), наспроти 99.533 денари (околу 1.600 евра) во 2023 година.
Финансиските показатели укажуваат дека 2024 година за „Меѓаши“ била година на силен раст на приходите, проследен со зголемени расходи, особено во делот на авторските договори и капиталните вложувања.
Дополнително во голем дел од комерцијални објекти, банки и маркети стојат кутии за донации на пари, за кои не е уште познато како се внесуваат како приходи, ниту како се оданочуваат.
Извор: Официјална страна на Меѓаши (финансиски извештај)




















