Нехат Беќири (роден 1967 година во Тетово) припаѓа на онаа група уметници чие творење е активно и денес, огледувајќи се во повеќе ликовни дисциплини. Имено, носејќи се со идејата да презентира дела од долгогодишното творење, и желбата пред јавноста да покаже творби кои не се изложувани, овој пат тоа го реализира со самостојната ретроспектива на триесет години ликовно творештво во Национална галерија објектот Чифте Амам во Скопје.
Станува збор за едно асоцијативно-апстрактно и експресивно сликарство кое во својата енформелна варијанта дава спонтан ракопис на слободно нафрлени обоени петна. Акциониот и непосреден карактер на овие творби оддава смисла за сосем реални и опипливи форми, компонирани во апстрактен амбиент, било кога директно, со нервозен ракопис, ги оцртува фигурите, било кога бојата ја разлева во слободни и необврзани флеки.
Метафизичките побуди на овој автор може да се забележат во разновидните стилски решенија поаѓајќи од акционото сликарство, преку лирската апстракција, па до сликарството на материја и енформелот. Импулсивниот начин на креирање испреплетен со интуитивната природа на Беќири создава една контрастна целина на нанесен потег во паста и звучен колорит, давајќи и посебна експресивност и симболичност на сликата.
Како посебна карактеристика се издвојува бојата на хроматските површини и релјефни бразди, кои освен што се иницијација за неговото тактилно чувство, исто така се нужна интервенција во неговиот светоглед да реализира синтеза на различни ликовни барања и содржини.
Во таа насока, Пол Валери запишал:
Реалноста е апсолутно некомуникативна. Таа е она што не личи на ништо, што ништо не претставува, што ништо не изразува.
Како што кај уметникот згаснува желбата за реалното, така исчезнала и потребата за формата. Всушност, на овој начин Беќири стилски го отсликува енформелот во корист на материјата, односно се сведува себеси на чист чин, на спонтан израз на она што го прави како што го прави, на гола акција. Во овие дела присутен е и ритуалниот момент, на тотемското присуство претставени во разни симболи со виталистички и асоцијативни својства.
Целата композиција на овој уметник е една спонтана загатка, еден предел на повлечени нишки од потсвесното во чии контрасти се крие нашето љубопитство и провокација. Испреплетените геометриски форми, стапчести или упростени форми и ленти се израз на своевидна сублимирана реалност која е блиска до чисто ликовното.
Имагинарните простори на Беќири се емотивно обоени и тоа ги прави овие полихромни и живи површини достапни и прифатливи како ликовен јазик со современ сензибилитет. Тој е уметник на моментот и и на инспирацијата. Неговите различни ликовни проседеа водени од иста психолошка расположба може заедно да егзистираат како слободни пастуозни намази интензивна боја со контурни црни линии наизглед правилно распоредени и ништо помалку интензивни. На необичен начин некаде се сретнуваат и директни асоцијации со иконографско значење, каде се сретнуваат старото и современото во ликовно-естетска, техничка и психолошка смисла.
Очигледно е дека станува збор за сликарство кое се сведува на истражување чија цел не е да овозможи јасно и конструктивно искуство, туку на публиката да и испрати значајни сугестивни пораки и сигнали. Изложбата трае до 5 февруари такашто ваквата селекција, вложен труд и обид вреди да се ревидира и осознае одблизу.
Автор: Марија Стојческа