Дуќанџиите во Кочани велат дека за разлика од другите градови во овој дел од Македонија, тие имаат неколку пати поголем број на бутици, разновидна понуда, поголем избор, а воедно дел од производите се со пониски цени. Нивни муштерии се жителите на Пробиштип, Виница, Берово, Македонска Каменица.
–Ако таму има неколку продавници за облека и обувки, во Кочани можеби се 50, па дури и повеќе, иако не ја знам точната бројка, при што имаме разновидни артикли. Некои парчиња облека можат да ги купат и поевтино. Имаме и распродажби, попусти. Кон крајот на јануари или почетокот на февруари веројатно ќе има распродажба. Купувачите од другите градови кои се близу источната граница со Бугарија доаѓаат секој ден, независно дали се работи за викенди или работни денови и тоа трае со години. Дури имаме и купувачи од Штип, иако Штип е поголем град, објаснува сопственик на бутик во Кочани.
Кочанчани велат дека во 2016, 2017 и 2018 година имале многу повеќе купувачи од другите градови, а сега иселувањето придонесе бројот на жители во градовите да се намали и тоа се одразува на потрошувачката.
–Тие години беа навистина добри, а сега е послабо, затоа што нема млади, нема толку народ. Цените се нормални, не се работи за евтина гардероба, туку има голем избор. Воедно можат да прошетаат во градот, има каде да седнат на кафе. Доаѓаа луѓе од Пробиштип, Делчево, Берово, Кратово за да купуваат кај нас, додаваат од друг бутик во Кочани.
Се смета дека во минатото градот имал стотина бутици и продавници за облека, но сега таа бројка според дуќанџиите е намалена, затоа што некои прекинале со работа. Кочанчани објаснуваат дека најголема побарувачка за облека и обувки вообичаено има за Нова година и Велигден.
Тогаш е пикот, а воедно објаснуваат дека посебно во четврток, кога е пазарен ден, може да се најде евтин текстил на тезгите на пазарот во Кочани. Велат дека на шопинг во градот повремено доаѓаат и жители на Велес и Скопје, иако најбројни муштерии се оние од соседните градови.