Последниве години зачестија поплаките од компаниите дека потрагата по работници е отежната, а понекогаш дури и невозможна мисија. Ова особено се однесува на квалификуван кадар од повеќе стручни дејности кој недостига на пазарот.
Дополнително упатените укажуваат дека, ако порано имало поголема конкуренција и повеќе заинтересирани конкуренти за еден оглас за работно место, денеска состојбите се променети, па на огласите се пријавуваат се помалку заинтересирани работници, а дополнително голем дел од нив ги немаат потребните вештини.
Одливот на младите, како и на квалификуваните работници и од повозрасните групи граѓани благодарение на либерализацијата, или двојното државјаноство направија големи промени на пазарот на труд.
Упатените истакнуваат дека проблемот со недостиг на квалификуван кадар и понатаму е присутен и додаваат дека не станува збор за специфични барања за одредени работни позиции, туку тоа се неопходни квалификации за едно лице да може да ја работи дејноста за која се бара работник.
Има ситуации во кои и работниците на некој начин пребаруваат, односно се селективни, но и кај работодавачите, понекогаш се појавуваат одредени потешкотии за да се најде работник. Во суштина искуството вели дека не се бараат специфични знаење од работниците, туку неопходно знаење за едно лице да ја добие работата.
Веќе е познато дека најгоелм дел од кадарот што недостига го нема и понатаму на пазарот, тоа се сите стручни занимања, од нискоградба, високоградба… Тоа се струки кои едноставно ги нема. Но, од друга страна има работници од кои дел се неквалификувани, а има и такви кои се преквалификувани што би се рекло, тоа се обично од ИТ секторот, кои не прифаќаат било каква работа, или било каква плата,односно сакаат повисоки месечни надоместоци.
Ретко кој се нафаќа на дообуки, обично истите се преку програмите за самовработување или за разни ИТ вештини, за изучување јазици, но многу малку, скоро без интерес за изучување на струки кои недостигаат на пазарот и кои се специфични и тешки за работа.
За дефицитарните професии интересот е многу слаб. Сигурно тоа зависи и од условите кои ги нудат компаниите, почнувајќи од платите, па се до услови на работно место, па и знаењето за ракување одредени машини, но забележително е дека истиот е многу мал.