Со традиционалниот импровизиран напад пред Меморијалниот музеј „11 Октомври“ и со огномет синоќа во Прилеп почнува одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание и 81-та годишна од почетокот на антифашистичката борба во 1941.
Централниот настан за одбележување на празникот, кој годинава е под мотото „Секогаш на вистинската страна“ ќе се одржи денеска пред Спомен – костурницата во Куманово, а дополнително владини делегации ќе положат свежо цвеќе пред спомениците на паднатите борци од Народно ослободителната борба (НОБ) во Скопје и Прилеп, а во Собранието ќе биде доделена државната награда „11 Октомври“ за 2022 година.
Наградата за животно дело во областа на науката и образованието ќе му се врачи на невропсихијатарот, проф.д-р Методи Чепреганов, додека во областа на културата и уметноста на поетесата Линдита Ахмети, писателот Томислав Османли и ликовниот уметник Мицко Јанкуловски.
Централниот настан во Куманово ќе започне со положување цвеќе на Спомен – костурницата, а на свеченоста ќе присуствува владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, во чиј состав ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министрите за труд и социјална политика и за информатичко општество и администрација, Јована Тренчевска и Адмирим Алити.
Во рамки на одбележувањето на платото пред Спомен – костурницата обраќање ќе има премиерот Ковачевски, по што ќе следува културно-уметничка програма.
Свежо цвеќе на споменикот на „Ослободителите на Скопје” на платото кај Владата ќе положи владина делегација предводена од вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, во чиј состав ќе бидат на замениците-министри за информатичко општество и администрација и за одбрана Александар Бајдевски и Башким Хасани.
На чествувањето на празникот 11 Октомври, пак, во ќе присуствува владина делегација предводена од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, а во чиј состав ќе бидат заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски и директорот на Агенцијата за развој на земјоделство, Џемил Ќамили.
Владината делегација ќе положи цвеќе пред споменикот на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто Прилеп, пред споменикот на идеологот на народно ослободителната борба Кузман Јосифоски Питу и на Могилата на непобедените, каде се моштите на 650 борци од НОБ.
На свеченостите цвеќиња ќе положат и делегации Организацијата на борците од НОБ, од локалните власти, на политички партии, здруженија, како и граѓани.