Во една куќа живеат семејствата на тројца браќа. Поделена е на три ката, но имаат само еден струјомер. Сега со новите тарифи влегуваат во високите тарифи и сметката е огромна. Барањето за раздвојување на струјомерите му е на чекање.
Поради високите сметки во овие случаи, домаќинствата влегуваат во четвртата тарифа, онаа на најголемите трошаџии кои добиваат и до два пати повисоки сметки.
Трошоците за приклучување со нов струјомер се движат од 200 до 500 евра, со што се додаваат трошоците за техничко одвојување на апартманите и нови кабли од електричните столбови. Граѓаните велат дека имаат “напумпани” сметки.
Од ЕВН Македонија велат дека имаат стотици барања за разделување на струјомерите. Сопственикот мора да поднесе барање за нов приклучок до енергетските центри на ЕВН.
За да се има дополнителен струјомер потребно е да се исполнат техничките и законските услови, како на пример, посебни инсталации во деловите на зградата кои треба да се снабдуваат со посебни струјомери и соодветна документација за имотот. Покрај тоа, се бараат сите други документи како во друг случај за нов приклучок. Преку пополнување на документацијата може да аплицирате за нов приклучок, рекоа од ЕВН Македонија.
Освен барањата до ЕВН, сопствениците во куќите мора да извршат и нивна физичка делба за да станат посебни станбени единици.
Од Агенцијата за катастар велат дека постапката трае подолго во случаи кога има имотни спорови или кога земјиштето не фигурира на име на корисникот на имотот. Освен времето, граѓаните ќе имаат и дополнителни трошоци при пренос на имотот.