Дали постои потполно здрав човек денеска? Што се подразбира под здравје, а што под болест? Колку животните навики и животниот стил го одредуваат нашиот животен век и здравствената состојба? Дали за грижата за здравјето повеќе се говори и знае одошто се практикува и применува? Што треба да направиме да избегнеме болест? И дали медицината и лекарите денеска имаат доволно контрола врз темите за здравјето и болеста или тие се излеваат во други сфери од човечкото дејствување, како на пример: работа, образование, културни фактори, социјална положба и сл.? 

Овие прашања му ги поставивме на д-р Петар Вулановиќ, спец. по радиологија, спец. по менацмент во здравство и член на Одборот за меѓународна соработка на Лекарска Комора во Република Србија.


  • Денеска со здравје и болест се занимава скоро секој поединец. Па така, здравјето и болестите се тема на новински натписи, тема на секојдневен разговор помеѓу луѓето, но често и се нудат „решенија“ на болестите и одржување на здравјето во рамките некоја мудрост, теозофија, или постмодерен животен стил. Сметаш ли дека со самото тоа што здравјето и болеста како теми излегуваат од рамките на медицината, се прави голема штета, место за профит на разни организации и погрешно се дефинира што е здравје, а што болест?

Вулановиќ: Светската здравствена организација го дефинира здравјето како состојба на целосна физичка, ментална и социјална благосостојба, а не само отсуство на болест и исцрпеност, тоа би значело дека на нашето здравје влијаат многу фактори и не е лесно да се дефинира што е тоа здравје.

Некогаш има социјална, филозофска, емоционалнa компонента а некогаш е блиска тема и зависи и од она со што се бавиме. Кога зборуваме за болеста, сепак би требало да останеме во опсегот на медицината.

Ми се допадна коментарот на хрватски лекар кој кога го прашале каков е здравиот човек тој одговорил:

Тој е човек кој е de facto здрав и кој така се чувствува.

Иако сите ние народи на Балканот мора да признаеме дека често, па дури и премногу често, сме под влијание на негативни фактори кои сериозно го загрозуваат здравјето како сиромаштија, економски и политички кризи, неписменост, неинформираност, етнички конфликти и др.

Ние сме погоден терен за рамножување на разни пророци, магови (црни или бели), шамани кои сериозно ги прават луѓето несреќни. Во оваа прилика ги молам сите луѓе да се откажат од овие работи бидејќи можат сериозно да го загрозат своето и здравјето на своите најблиски.

  • Колку е важна етиката во лекарската професија? Што доколку еден лекар е врвен професионалец, а не е хуман? Вистина ли е дека еден неетичен лекар може да направи многу поголема штета одошто еден озлогласен криминалец?

Вулановиќ: Етиката како наука за моралот е неразделна од практикувањето на медицината. На прашањето дали е вистина дека неетичкиот лекар може да направи повеќе штета од најлошиот криминалец, верувам дека и во српската легислатива таквиот лекар се третира како сериозен криминалец.

Во здравствениот систем постои стручна организација во форма на Лекарската комора која се занимава со унапредување на медицинската пракса но и заштита на пациентите, за да не се случуваат повеќе несакани работи.

  • Дали сметаш дека достоинството на „белите мантили“ е изгубено денеска поради лошите услови на болниците или ординациите во кои работат лекарите, борбата за опстанок на лекарот и слични други аспекти кои го спречуваат да ја обавува доследно својата професија?

Вулановиќ: Мислам дека е нарушено, но не и изгубено она што го покажаа лекарите во борбата против корона вирусот.

Неверојатнa беше професионалната соработка и размената на искуства меѓу лекарите, бидејќи сите наидоа на нешто ново и крајно опасно.

Таа посветеност што ја покажуваат моите колеги секој ден кога одат на работа, знаејќи дека поради природата на работата можат да ги загрозат нивните животи и животите на своите најблиски – што и денес го прават е тоа што го враќа достоинството на лекарската професија и покрај тешките услови во кои работат лекарите, малите плати и во некои средини без соодветна медицинска апаратура.

  • Има ли вистина во фразата дека ако секој е доволно совесен сам себе да си биде лекар, нема да има потреба да оди кај друг лекар? Колку животниот стил и навиките се важни за здравјето и долгиот живот и се дава ли денеска повеќе внимание на превенцијата и во рамките на медицината?

Вулановиќ: Што се однесува до првиот дел од вашето прашање, ќе го цитирам мојот професор (проф. Живиќ) кој кога го завршивме испитот не собра нас студентите и рече:

Наскоро станувате доктори, тргнuвате по свој пат, ќе запознаете голем број доктори, кога ќе слушнете како некој од нив вели дека сè знае, бегајте од него, тој е будала.

Што се однесува до начинот на живот и животните навики, тие се важни за превенција од разни болести. Постои универзална шема на превенција која скоро сите лекари ќе ви ја кажат а таа се состои од следните ставки:

  • Редовни систематски прегледи
  • Здрава исхрана
  • Физичка активност
  • Ако е можно да се избегнат штетните навики (цигари, алкохол)
  • Редовен сон
  • Љубов

Тоа е она што можеме да го направиме за себе.

  • Многу пати сум ја слушнала фразата „Не одам на лекар додека не ме однесат во количка“. Зошто луѓето не сакаат да одат на лекар и што е тоа што ги плаши според тебе? Дали можеби сознанието дека се болни или можеби немаат доверба во лекарите?

Вулановиќ: Овде би сакал да се вратам на почетокот на нашиот разговор, одговорот на твоето прашање е поврзан со културни фактори, образование на населението но и страв но одењето на лекар е нешто што е неопходно во животот.

Раното откривање на огромното мнозинство на болести овозможува успешно лекување и нормален живот. Мој совет до пациентите е да најдат лекар на кој му веруваат, да градат меѓусебна доверба, тој нема да има одговори на сите ваши прашања, но ве познава, информиран е за вашата здравствена состојба што ќе му овозможи соодветен медицински третман.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ