Да се биде образуван значи да се има постигнато одреден степен на формално образование согласно предвидената програма или поединецот да се стекнал со звање во рамките на формалната номенклатура при образовната институција. Од денешен аспект образованието се локализира само на подрачјето на формалното образование, односно во формалните институции кои добиле дозвола од државата или друга организациона управа да спроведуваат процес на настава. Образованието од денешен контекст се редуцира на настава.
Во минатото под образованието се подразбирале многу процеси, на пример учење, воспитување, градење на личности, професионалци, подучување на вештини или занаети и сл. Или со еден збор кажано, образованието во минатото било иманентно. Човекот имал идентификациска врска со своето образование, бидејќи образованието значи градење на „образ“ (морална категорија) или добивање на образец (станување личност со високи човечки вредности). До пред 50тина години, образованиот човек имал посебен „етос“, се издвојувал по своето однесување, став и други културни белези. Во извесна смисла „етосот“ на образованиот човек придонесувал, тој да се разбира како припадник на една повисока култура и да ја претставува елитата. Се до Втората светска војна, се сметало дека нужен услов некој да ја претставува елитата е да има образование, од тука и познатиот термин – аристократско образование или високо образование кое било достапно само за прирпадниците на повисоките општествени слоеви.
Втората светска војна драстично го промени погледот кон интелектуалците, токму поради големата инстументализираност на интелектуалците во нацистичките кругови и поддршката која ја давале на нацизмот и фашизмот. Таа претставува историска пресртница која го кулминира модернизмот и крајот на големите наративи и дозволува целосна дехуманизација и деструкција во смисла „Ако Бог е мртов зошто да не ги убиеме сите“? Ако за модернизмот нихилизмот е својствено стојалиште, за постмодернизмот и времето по Втората светска војна, главна одредница е релативизмот и можноста се да помине и да има смисла, обединето под една парадигма дека се е важно, наместо парадигмата на модернизмот дека ништо нема смисла.
Постмодернизмот е каша во која можете да ги најдете сите намирници и сите се јадат, ама не се баш сите идентични на вкус, но се наоѓаат на едно место, баш поради тоа што може да се јадат. Како што се менуваат вредносните концепти, така се менува и образованието. Веќе образованието не е гаранција за припадност во високата култура односно елитата. Образованиниот човек според Антонио Грамши треба да има нова улога, а тоа е да ја осмислува револуцијата и постојано да прави промени. Ако до пред Втората светска војна интелектуалците се темел на status quo, по Втората светска војна тие треба да бидат носители на нови критики, промени, подеми и револуции. Затоа и можете да ги видите фотографиите на Сартер, Симон де Бовоар и други интелектуалци како се движат низ улиците заедно со народот на протести и воспоставуваат нови револуции.
Во вредносна смисла, интелектуалецот не е стоик, туку бунтовник кој постојано негодува, преобмислува и не дозволува да се случат историски неправди. Тој има изразено чувство на бунтовност, но не и изразено чувство на праведност. Понекогаш делува како интелектуалецот да е бунтовник без причина, бидејќи тоа е негова стилска карактеристика и по тоа го афирмира својот идентитет на интелектуалец.
Но што е интелектуалец, елита и образован човек денеска и дали тие се уште се синоними? Одговорот лесно може да се антиципира. Образованието денеска не служи да произведе слободни интелектуалци, ниту припадници на високата елитна култура, туку професионалци кои ќе може да се ужлебат во општествениот систем и да работат за плата (квалификуван пролетеријат). Поради тоа, образованието се претвора во одредница на стручност, професионално усовршување, бројчано прикажување на степени на образованието и стекнати ЕКТС кредити при стручното усовршување. Образованието се трансцендира и математизира, имајќи функција да му покаже на вашиот иден работодавач за која позиција сте подготвени да работите.
Интелектуалците не се елита. Интелектуалците се скоро непостоечка категорија. Нив не можете да ги најдете ниту на универзитетите, ниту на протестите, ниту во лабораториите. Образованите луѓе работат на универзитетите и тие го имаат ексклузивното право да се занимаваат со наука и да ја репрезентираат научната заедница. Зошто? Затоа што ако еден универзитетски професот напише текст за научно списание, тој за тоа ќе добие бодување кое ќе му носи реизбор во звање. Доколку некој образован човек што не засновал работен однос на универзитетите напише научен труд, никој нема да му го вреднува, а по некое време, доколку не се пренасочи кон извор на средства веројатноста дека ќе умре од глад е голема. Интелектуалците денеска се обични наставници кои постојано се во калкулација со својот научен труд што го полагаат. Тие се во извесна смисла механизирани.
Елитата, пак, се мери во тоа кој колку пари има, а не во тоа кој колку образование има. Парите станаа мерило за успех и веќе никој не сака да се дружи со оној што има многу образование, туку со оној што има многу пари. А начин да се стекнат пари со чесна работа е скоро невозможно. Од памти век се знае дека најмногу пари имале трговците, кои Аристотел ги нарекува измамници кои ништо не произведуваат, само продаваат приказни и живеат на туѓ труд и секако во античко време најмногу пари имале денунцијантите или предавниците, оние кои давале информации за своите на непријателите. Согласно критериум „пари“ и „моќ“ елитата денеска кај нас се измамници, продавачи на ветер и магла и секако предавниците. Тие се одраз на високата култура кон која секој слој од стратификациската линија се стреми.
Воопшто не треба да е смешен настапот на детенцето кое велеше дека сака да си стане дилер кога ќе порасне, затоа што го сака „шумот на парите“, туку тоа е реалност која за жал сите ќе не погоди. Дури и најзакоравените идеалисти се на колена пред овој вредносен систем. Голтањето идеализам цел живот, носи многу последици и покрај пријатното чувството што го дава моменталниот занес.
Автор: Магдалена Стојмановиќ