Ставот на државата кон наставникот е државна политика што сведочи или за силата на државата или за нејзината слабост.
Војните не ги добиваат генерали; војните ги добиваат училишни учители и парохиски свештеници.
Ото фон Бизмарк (1815 – 1898, германски државник)
Откако штрајкот на просветните работници е во мирување , слободно, со ладна глава можеме да заклучиме: Сите заслужуваат повисока плата, матичарите, докторите, судиите, келнерите, пекарите…Сите до еден! Ама за општата неедуцирана јавност, само учителите не заслужуваат!
Само учителите „бараат преку леб погача”, „ништо не работат”, само ние сме трн во око, само ние „по цел ден пиеме кафиња”, само ние сме „штетници” и уште какви се не квалификации…Па си викам, од каде таа злоба спрема учителите? Кога успеа да се насобере толку негативна енергија кон една професија која треба да биде на пиедесталот во секоја држава!
Веднаш се поставува прашањето, на што се должи ваквиот став на мнозинството од јавноста? По мое скромно мислење, тоа се должи на неколку фактори. Како прво обезвреднувањето на знаењето со тоа што секој може да заврши факултет, па така денес секој може да биде учител, судија, економист…
А незнаењето пропратено со еден лист хартија кој се нарекува диплома носи катастрофални последици, особено во образовната дејност. Во не така далечно, убаво време, учител не можеше да биде секој!
Татко ми беше учител 40 години, знаеше да слика, да свири на кларинет, добар играорец, физичар… просто кажано постоеше „општо образована личност”. Ретко кој денес може да се пофали со тие вештини, затоа и ден денес се раскажува за татко ми и неговото учителствување. Но, за волја на вистината, во секое жито има какол, што би рекол народот на Дебрца, но да се генерализира не е воопшто во ред.
Јавноста, до тој степен е вжештена, што си викам, па дај укинете школи бе луѓе, па нека си учат децата од улицата, законот на посилниот, ионака во нашата држава тој закон владее одамна! Па добро бе луѓе, побогу, зар и кога Св.Климент описменувал ученици во Охрид толку го намразивте? Или Гоце Делчев, учителот?
Како второ, немањето на образовна стратегија, безброј експерименти во образованието, па така просветните работници станавме писари, бејбиситери, циркузанти (играње карти) и што уште не…само не она што треба да бидат, учители! Па така ние создадовме т.н. „парадни училишта” во кои само се парадира, со безброј глупости а основната дејност се занемарува!
И, за крај, губењето на моралните вредности во општеството, основната елементарна култура, при која триаголикот наставник-ученик-родител не функционира, особено делот за родителите. Огромно мнозинство родители, во трката по пари, ги заборавија своите деца, нивното воспитание, при што ги оставија на „законот на џунглата”!
Секој член во тој триаголник доколку не функционира, нема успех господа! И на крај да се вратам на цитатот од Бизмарк, а во контекст на она што со денови се вергла – „оптимизација и рационализација”, во што ќе инвестира една држава тоа се вика државна политика господа! Дали ќе инвестира во знаење, образование и вештини или ќе инвестира во глупости, марихуана, хедонизам и неморал, тоа е прашање на избор господа (во Јапонија воз одеше по 300 км секој ден само за една студентка)! А училиштата се последен бастион за надеж за некаков развој во нашата држава, особено по селата!
Автор: Гоце Кузески
*Авторот е професор по физика