Мислам дека сега сме во многу безбедна зона и дека тука ќе останеме барем неколку месеци. Сепак, мора да бидеме внимателни и да се подготвиме за евентуален нов бран на пандемијата – истакна претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.
Тој вечерва во гостувањето на телевизијата Телма посочи дека сега се наоѓаме во многу помирен дел од пандемијата, но мора да бидеме внимателни затоа што не знаеме што ќе ни донесе есента.
Сега сме во еден многу помирен дел од пандемијата, не би рекол дека е зад нас. Мора да бидеме внимателни, не знаеме што ќе ни донесе есента, но мислам дека имаме неколку месеци, пролет и лето, кои ќе бидат стабилни и мирни. Од есен ќе правиме нови планови како понатаму – рече Петличковски.
Како што посочи, иако во моментов голем дел од европските земји имаат високи бројки на новооткриени случаи, оптоварувањето на нивните здравствени системи е мало, и затоа со повеќе лагодност прибегнуваат кон олабавување на мерките.
Истото се случува и кај нас, со тоа што благодарение на големиот број прележани луѓе, ние имаме малку посвеж имунитет од оној што западните земји го создаваа со вакцини со месеци наназад. Затоа кај нас паралелно со олеснувањето на оптеретувањето на здравствениот систем се намалуваат и бројките – додаде претседателот на Комисијата.
Тој напомена дека е потребна внимателност, односно да се подготвиме за евентуален нов бран.
Ние не можеме да знаеме, не сме сигурни дали ќе има нов бран, но сепак мора да сме подготвени. Тоа значи дека ги зајакнуваме капацитетите за тестирање, преговараме да обезбедиме лекови кои во рана фаза на болеста многу помагаат за критичните болни и исто така ги организираме сместувачките капацитети. Но, сега е периодот кога може да здивнеме – истакна Петличковски.
Тој информираше дека во моментов има вкупно околу 50-тина хоспитализирани ковид-пациенти во сите болници, во сите инфективни одделенија во државата, за разлика од над 2 000 колку што имаше во максимално лошите денови.