Саемот на книга се враќа во редовниот, пролетен термин на одржување. Оваа година ќе се одржи од 3 до 9 мај, во Арена „Борис Трајковски“, под покровителство на Министерството за култура, кое традиционално ја поддржува оваа културна манифестација.
Сите значајни издавачки куќи најавија дека ќе се претстават со своите најнови наслови – изданија за 2022 година, средби со автори, но и голем дел на промоции и попусти за време на саемските денови. Учество најавија и издавачки куќи од регионот, а учество на Саемот пријави и српската авторка на бестселерот „Јас пинк пантер“ – Оливера Ќирковиќ.
Покрај враќањето на Саемот на книга во редовниот термин на одржување, се очекува да се вратат и групните посети за учениците и училиштата.
Годинава благодарение на олеснувањето на мерките за заштита, Саемот ќе се организира во внатрешноста на арената „Борис Трајковски“, а се уште не е познато дали ќе бидат задолжителни ковид пропусниците и маските.