Рускиот амбасадор во државава Сергеј Баздникин вчера бил повикан во Министерството за надворешни работи, потврдија од МНР за МИА.
Како што велат од МНР, на амбасадорот Баздникин му била врачена вербална нота, поради тоа што Руската Федерација ја стави Македонија на листата на непријателски земји.
Претходно, Владата на Руската Федерација денеска одобри список на странски држави и територии кои вршат непријателски дејствија против Русија, нејзините компании и граѓани, јавија руските медиуми.
На списокот се наоѓаат Австралија, Велика Британија, земјите-членки на ЕУ, Исланд, Канада, Лихтенштајн, Монако, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореја, Сан Марино, Андора, Сингапур, САД, Тајван, Украина, Македонија, Албанија, Црна Гора, Швајцарија, Јапонија и Микронезија.
Земјите и териториите споменати во списокот воведоа или им се придружија на санкциите против Русија по почетокот на воениот конфликт со Украина.
На брифингот со новинарите денеска, прашан за последиците од фактот што Москва ја стави државава на листата на непријателски земји, шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека нашата позиција кон Руската Федерација е јасно искажана и манифестирана и дека ќе се придружиме кон сите одлуки на ЕУ за осуда, но и за дефинирање на односот што ќе го имаме со Руската Федерација и оти сето тоа ќе се прави во координација со ЕУ, а не врз основа на билатерална одлука.