Судот ја ослободи од обвинение велешанката Павлинка Иловска, која лани со нож го усмрти својот насилен партнер, полицаец од Велес. Таа одговара за кривично дело убиство во миг.
Обвинетата Павлинка Иловска се ослободува од обвинение – рече судијката.
Судијката додаде дека Иловска се бранела од сега покојниот. Од ДНК под ноктите на покојниот полицаец се утврдило дека тој навистина ја давел, посочи судијката. Била влечена за облеката, удирана по нозете и рацете, но и по главата.
Во согласност со Кривичниот законик, нужна е одбраната, која е неопходна. Нападот и одбраната се неопходни елементи. Тој ја влечел, клоцал, ја стегнал околу вратот, неоспорно се утврди од записникот за увид, по самиот увид на настанот, кај обвинетата имало телесни повреди, изразени на главата, ногата и на вратот. Натаму, на овој доказ се надоврзува телесниот преглед на обвинетата – рече судијката.
Неоспорно се утврдило дека нападот од покојниот бил вистински и траел, а обвинетата Пале била во животозагрозувачка состојба, потврдил и психијатрискиот наод.
Правната доктрина дозволува нападнатиот да се брани – додаде судијката.
Постоела несразмерност на физичката градба и конституција меѓу Пале и покојниот полицаец, притоа тој бил од надмена позиција, се додава во психијатрискиот наод.
Со исказот на обвинетата и од психијатрискиот наод се утврди дека од тоа што покојниот силно ја стегал за вратот, губела здив, па дејствата биле насочени кон одбрана од сега покојниот. Судот утврди дека одбраната била сразмерна и пропорционална – додаде судијката.
Како точни биле и наводите на обвинетата, како што посочи судијката.
Обвинетата влегла во спалната да спие, тој влегол и ја фатил за вратот, ја влечел, ја мавал со клоци и боксови, ја фатил за вратот и ја давел, ја влечел од кујната, а таа му рекла: „немој ќе ме убиеш“, по што тој продолжил и ја душел, по што таа го зела ножот што се наоѓал на кујнската маса – кажа судијката.
Иловска се обидела и да го спаси нејзиниот партнер со кого живеела. Му дала прва помош, се јавила во брзата помош, ги слушала напатствијата.
Тоа што е сторено во нужна одбрана не е кривично дело – додаде судијката.
Случајот на Иловска предизвика лавина реакции во јавноста кога се дозна дека таа неколкупати го пријавувала партнерот за малтретирање, но тој не бил гонет. Во постапката Иловска докажуваше дека таа го убила со убод од нож додека тој ја давел и дека делото го направила во самоодбрана.
Иловска на вчерашното рочиште рече дека не се чувствува виновна. Обвинителката, пак, посочи олеснителни околности, кои се причина за полесна казна. Таа издржуваше куќен притвор.