Соња Угриновска е лиценциран психолог, семеен и системски советник во Центарот за психофизичко здравје „Гаспар“ во Скопје.
Во интервјуто за Мој збор Угриновска ни откри кои методи се користат во процесот на учење, какво влијание имаат казната и наградата врз поединецот, што повеќе мотивира казната или наградата и дали е возможно како надворешен мотиватор да се користи само казната, односно само наградата.
За овие, но и за многу други прашања разговаровме со Соња Угриновска, која ни ја пренесе психолошката парадигма во разбирање на секојдневните прашања кои не опкружуваат и создаваат нејаснотии.
Како го разгледуваш односот на вина и казна. Дали односот меѓу нив е причинско последичен, односно дали ако има вина има и казна и ако има казна има и вина или постојат исклучоци?
Угриновска: Вината е чувство кое многу често знае да биде присутно кај еден човек. Некои луѓе се посклони да чувствуваат вина од други луѓе. Вината е дел од внатрешен морален систем и се однесува на внатрешната совест.
Казната е повеќе врзана за тоа да се модифицира однесувањето и да се создаде норма, има за цел да се избегне непријатност следниот пат кога се доведува до слична ситуација и да демотивира, или за другите да имаат пример како да не постапуваат.
Не е тоа случај секогаш дека треба казната да создаде вина – покажува фактот дека и после казна некое однесување се повторува на ист начин, или едноставно не се создава вина а однесувањето се модификува како резултат на страв од казнаи избегнување на непријатност.
Соодносот не е секогаш причинско последичен, затоа што може да има вина, а да нема казна. На пример сопственото однесување често е проследено со чувство на вина, но ако тоа е опростено од себе или од другиот нема да има казна. Од друга страна чувството на вина е често повод за себе – казнување, за на тој начин да се ослободат од тоа чувство.
- Кои инстанци во општеството одредуваат вина и казна. Обично се смета дека тоа се органите на судската власт? Но има ли вистина во тоа дека уште од најмала возраст преку процесот на ресоцијализација ние сме подложни на индукција на вина и казна од родителите, преку образованието и т.н?
Угриновска: Уште од најмала возраст се корегира однесувањето на индивидуите. Најпрво детето се однесува според она што му е пријатно, а избегнува тоа што за него е непријатно, а потоа се однесува следејќи го моделот на родителот.
Најдобро е во мала возраст да се користи негативно поткрепување, наместо казна, затоа што личноста на детето е во формирање и мислењето е многу поконкретно за да се сфатат причинско – последичните односи.
Негативното поткрепување значи намалување на последиците или реакциите на некое однесување, лишување од нешто или намалување на наградата, со цел да се зацврсти некое однесување кое треба да е позитивно.
Со тргнување во училиште почнува да се развива моралното расудување и тоа си има нели стадиуми во кои се движи разбирањето на правилата, така да ако веќе се казнува детето треба да знаеме дали и како ги разбира правилата и што тие значат за него.
Во секој случај казната е дел од дисциплинската постапка, но важно е дека не смее во никој случај да ја нападне и повреди детската личност, бидејќи се корегира однесувањето а не личноста, личноста треба да се формира преку љубов и разбирање.
- Дали казната е правилен метод за ресоцијализација или можеби со казнување на виновниците ние во суштина ги принудуваме на повторна социјализација во согласност со правните норми?
Угриновска: Зависи од самата казна, од каква природа е, колку може да ја мотивира личноста, колку може да ја заплаши индивидуата или колку може да ја поттикне да размислува поморално.
Донекаде казните во разни општества се слични и во едно развиено општество мора да се придружени со ресоцијализација а во некои општества постојат казни кои се ригорозни, брутални па дури и грозни и нанесуваат трајни последици врз психичкото и физичкото здравје на личноста.
Социјализацијата и воспитувањето треба да почне многу порано од примената на казна, содржејќи многу методи и едукации кои треба да доведат до помалку казнувања и помалку прекршоци и помалку отстапувања во однесувањето.
- Што во случајот кога единствен метод да социјализација е наградата, а што кога единствен метод во случај на социјализација е казната?
Угриновска: Тоа е хипотетичко прашање бидејќи реално ретки се исклучоците кога постои само казна или само награда.
Во исклучителни ситуации родители со авторитарен родителски стил имаат тенденции кон употреба на заплашувања со казни и употреба исклучиво на казни а не награди и скоро секогаш со намалена топлина и љубов.
Може да создаат длабоко нарушување на личноста која не почувствувала дека некогаш и е простено, кај неа има ниска самодоверба или отсуство на самодоверба и невозвратена почит, ниска самопочит, и/или бројни одбранбени механизми меѓу кои компензација поради чувство на немоќ и некомпететност, претерана рационализација и потреба за контрола , потиснување, а потоа и негативен идентитет или тешкотија во создавање на свој идентитет и бројни други реперкусии.
Од друга страна секогаш награда, а никогаш дисциплина. Во овој случај зависи колку е личноста поготвена и дали има услови да научи нешто дека е лошо, гледајќи модел на однесувањето на некој друг кој се соочува со казна па да може тоа да го интроектира.
Во воспитувањето ако детето прави грешка, не мора да се казнува, но како реакција на тоа однесување не смее да следи награда. На пример – „Зошто го удри твојот брат? Сега ќе го оставиш, дојди да ти ја пуштам омилената игра на телефон“
- Што повеќе мотивира наградата и признанието или бегството од казна и осуда?
Угриновска: И казната и наградата се условни реакции или фидбек кој зависи од однесувањето.
Наградата е мотивација за човек кој има развиено чувство за морал и е социјално адекватен. Некои автори сметаат дека постигнувањето е еден резултат на вистинското интересирање и љубов кон самата работа и самиот продукт или резултат е доволна мотивација и таа е вистинската мотивација, внатрешната, додека наградата е само еден бакшиш за добро сработеното.
Кога двајца играат тенис и едниот освојува победа, самиот резултат за него е најголема добивка а пехарот е плус. Кога уметникот создава, тоа го прави од задоволство а не поради награди. Кога добар ученик секогаш добива награди, израснува во сесема просечен човек.
И бегството од казна односно предупредување за казна функционира во поголем степен доколку казната се однесува на загуба од нешто што го имаме постигнато. Предупредување на загуба на бенефиции на работа доведува до остварување на поголеми резултати. Но казната создава конфликти и го стопира прогресот. Казната создава лутина и срам.
Значи, надобро да се мотивира наместо да се наградува или казнува. И да се помага, наместо да се казнува.
- Која е поврзаноста помеѓу надзорот и казната. Дали ако сме под постојан надзор (паноптикум) има можности да бидеме и почесто казнети, или самата свест за постоење на надзор не дисциплинира и принудува да се однесуваме социјално посакувано?
Угриновска: Секое чувство дека сме под надзор или имаме некој во околината кој што може да не набљудува не прави да се претставуваме по социјално прифатливо или да го модифицираме нашето однесување.
Така согласно со ова и безбедносните камери влијаат на тоа да не демотивиираат да имаме одредено недозволено однесување кое е поврзано со следување на казна. Емпириски е докажано дека луѓето се однесуваат многу поразлично кога знаат дека се наблудувани за разлика на тоа кога мислат дека никој не ги гледа.
Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ