„Паксловид“ (Paxlovid) на производителот „Фајзер“, кој важи за најсовремен лек против коронавирусот, пристигна во нашиот регион.
Србија е меѓу првите земји во континентална Европа, која заедно со Британија го доби овој лек, само десет дена откако ЕМА (Европска агенција за лекови) ги одобри неговата употреба и продажбата.
Во соопштение на оваа тема, српското министерство за здравство информира дека Европската агенција за лекови на крајот на јануари ја одобри антиковид-пилулата на „Фајзер“, која всушност е прв орален антивирусен лек против оваа болест одобрен од Европската Унија (ЕУ).
„Паксловид“ е антивирусен лек што содржи две компоненти – „ритонавир“ и „нирматрелвир“ и наменет е за орална употреба. Индициран е за третман на инфекција со ковид-19, кај возрасни на кои не им е потребен дополнителен кислород и кои имаат зголемен ризик од прогресија во тешка форма на болеста. Се препорачува употребата на лекот да започне во првите пет дена по појавата на симптомите – се наведува во соопштението.
На веб-страницата на Министерството за здравство на Србија е наведено дека е направен список за дистрибуција врз основа на кој лекот ќе се дистрибуира меѓу здравствените установи.
Во своја информација на темава, белградската РТС потсетува дека Србија на крајот на минатата година беше меѓу првите, заедно со САД и Велика Британија, што го потпишаа договорот со претставници на компанијата „Фајзер“ за набавка и купување на најсовремениот лек против коронавирус, кој го намалува ризикот од хоспитализација и тешки болести и до 89 отсто.