Во последните неколку години живееме во дијаболична реалност помеѓу квантификативите – намалување – зголемување и квалификативите позитивно – негативно.
Според податоците на националниот стожер денеска е зголемен бројот на нови инфекции со ковид и смртни случаи, е наслов во медиуми кој честопати сум го слушнала или прочитала.
Позитивен/а сум на ковид, следи ги симптомите во следните неколку дена бидејќи си еден/на во листата на моите последни контакти, стои во една СМС порака која неодамна ја добив.
Овие две изјави во кои се споменуваат зборовите „позитивно“ и „зголемување“ наместо да го добијат своето афирмативно значење, и да асоцираат на унапредување, развој или добробит, тие предизвикуваат бура на емоции – се вклучува алармот, се активира стравот и паниката.
Неодамна се фатив себе си како пишувајќи вест за временска прогноза го сретнав зборот „намалување“. Иако зборот намалување има значење дека нешто се отстранува, отсуствува, се редуцира, се сведува на минимум и обично го поврзуваме со смисла која не е ни малку беневолентна, јас се израдував кога го употребив зборот „намалување“ во насловот.
Тој наплив на емоции се обидов да го ставам под интроспекција и забележав дека самата употреба на зборот „намалување“ е тоа што ми создава безбедност, чувство на победа или некој мал триумф кој ми го носи спокојот и моменталната радост.
Веста која ја пишував во тој момент буквално го имаше следниот наслов: „Намалување на дневните температури, не очекува најниските температури во изминатите неколку зими“!
Јасно е дека во овој наслов нема ништо охрабрувачко. Напротив треба да се подготвиме за студено време, редуцирање на движењето, големи сметки за струја, зголемена претпазливост во сообраќај… Но самата употреба на зборот „намалување“ за мене претставуваше извесна радост.
Индикативно е и тоа што зборовите „негативно“ и „намалување“ добиваат сосема афирмативно значење и се причина за радост и чувство на безбедност бидејќи најголем број од содржините за кои се зборува во јавноста се поврзани токму со епидемијата. Фокусот е на епидемијата, па оттаму и обликување на значењето и смислата на зборовите.
Јазикот е жива материја во која најдобро се рефлектира нашата реалност. Афирмацијата на зборовите намалување и негативно како симбол на унапредување, развој, победа, посакувана состојба, доволно покажува дека значењето на зборовите не е фиксно, но моменталните состојби го мумифицираат значењето.
Реалноста се отсликува во јазикот, а јазикот во нашиот ум. Тогаш каков е нашиот ум, ако се радуваме ако нешто се намалува или ако нешто го нема или е отсутно?
Реторско ми е прашањето, нашиот ум е во тегла, живееме во контролирани услови, со моноличен проток на содржини, информациите не се информативни, туку рендунданци, ексклузивите не се ексклузивни, се само најави во наслови, бројките не се бројни состојби тие го одредуваат нашето движење или забрана за движење, кај луѓето во бели мантили, нема ништо бело и светло, кај нив често доаѓаат луѓе во црнина, тие паметуваат, па побиваат се што кажале претходно, националните влади не владеат, туку контролираат носејќи неприкосновено наметнуваат мерки кои не гарантираат никаков успех, па и сами се укинуваат, зајакнуваат, менуваат, модифицираат, во стварноста нема ништо стварно, бидејќи ситуациите се менуваат со брзина на светлината…
На умот му е исклучително тесно, како и на јазикот, се чини дека после се умот и јазикот ќе станат најотсутното и најнамаленото нешто во светот на симулакрумот.
Автор: Магдалена Стојмановиќ