Иако е добро позната врската помеѓу квалитетниот сон и здравото срце, научниците сè уште ги разработуваат деталите.
Една нова студија сугерира дека постои оптимално време за спиење навечер.
Се разбира, причините за нарушувања на спиењето понекогаш се надвор од нашата контрола.
Секој кој има такви проблеми треба да побара лекарска помош и да утврди што е најдобро за него.
Но, на другите може да им биде корисно да знаат дека легнувањето помеѓу 22 и 23 часот е корисно за кардиоваскуларниот систем.
–Телото има 24-часовен внатрешен часовник, или деноноќен ритам, кој помага во регулирањето на физичкото и менталното функционирање, вели психологот Дејвид Планс од Универзитетот во Ексетер.
–Иако нашето истражување не може да воспостави причинско-последична врска, резултатите сугерираат дека прерано или предоцна легнување може да го наруши внатрешниот часовник и на тој начин да предизвика кардиоваскуларни здравствени проблеми.
Студијата анализирала податоци за 88.026 лица од британската биомедицинска база на податоци (UK Biobank) собрани помеѓу 2006 и 2010 година. Педесет и осум проценти од учесниците биле жени, а просечната возраст била 61 година.
Податоците за тоа кога поединците заспивале и се разбудиле биле утврдени со акцелерометри кои се носат на рачниот зглоб. Откриено е дека 3172 учесници (3,6 проценти) развиле кардиоваскуларни заболувања во набљудуваниот период.
Истражувачите заклучиле дека легнувањето пред 22 часот или по полноќ може да го зголеми ризикот од развој на кардиоваскуларни болести за 25 отсто во споредба со легнување помеѓу 22 и 23 часот. Тоа зголемување на ризикот е намалено на 12 проценти кога станува збор за легнување помеѓу 23 часот и полноќ.