Зошто добро, а не зло? Што и да правиме постои надеж дека нашите постаки, дела и зборови некој ги евалуира. Дека не сме невидлива честичка во космосот која што и да прави нема никаква смисла или значење.
Добро, затоа што еден ден тоа ќе се исплати. Ако не сега. Србите имаат една поговорка воведена од наслов на роман једног дана „Све че то народ позлатити“. Еден ден луѓето ќе го видат нашиот влог за нив, општеството ќе ни даде признание, луѓето ќе не памтат по добро. Ќе плачат кога ќе не нема, или што би кажал Робин Шарма во една од неговите понови книги: „Зарем е важно кој ќе плаче кога ќе те нема“? (инаку насловот на книгата е „Кој ќе плаче кога ќе те нема?“).
Ако народот тоа нема да го позлати или препознае како залог за доброто на другиот, другите, заедницата, човештвото, светот, космосот, голото постоење, смислата на животот, ќе го препознае некој друг – висока инстанца Бог.
Луѓето иако некогаш бидат неправедни, Бог се гледа, апсолутно се знае и е сурово праведен.
Дали овие фолклорни и популарни верувања ни даваат сосема погрешен осврт на тоа што е доброто и дали доброто треба да се преведе во друга вредност, или колоквијално кажано – да се исплати?
Секако дека да. Доброто не се исплати, скоро никогаш. Најголемите неправди ги доживуваат луѓето кои направиле најмногу за другите, за Планетата, за човештвото.
Никола Тесла, чии дела го променили светот, умрел во беда. И ден денеска се среќаваат луѓе кои на целото негово генијално залагање за осветлување на светот во буквална смисла, ќе дадат приговори дека бил асексуален, немал потомство или спиел само 2 часа.
Иако никој на светот, неговата сексуалност, животна приватна одлука и неспиењето не го загрозило, тој сепак, не е доволно добар, иако денеска додека го коментираме тоа, злите, малициозни лица ни ги осветлува, нешто многу конкретно што е директна последица на делото на великанот кој го коментираме.
Најголем број од светците во христијанството биле обезглавувани, мачени, уценувани, умирале во страшни болки, само затоа што се молеле на Бог и верувале во Исус, иако токму тие светци им помагале на болните, сиромашните, ги подучувале луѓето на вера и духовност.
Безброј примери испишала историјата во која се опишуваат страдањата на големи луѓе со несреќни судбини. Ако големите не ги поштедило злото, нема да ги поштеди ниту помалите.
Голема вистина е дека чинењето добро никогаш нема да се исплати, напротив ако чините добро очекувајте суровост од луѓето.
Но и поентата на чинење добро не е тоа да се исплати, да се преведе во друга вредност. Доброто само по себе е највисока вредност и го правиме затоа што тоа сме ние, а доброто е епитет на нашите дела, нашиот идентитет.
Точно е дека луѓето ќе направат се да го извлечат злото од вас, ќе ве поткупуваат, уценуваат, заплашуваат, навредуваат, малтретираат, кажуваат лаги за вас, секој што не ја почувствувал силата на доброто ќе сака да ја прекине во вас и да се теши дека доброто не постои само затоа што за нив е недостижно.
Не се откажувајте од својата животна борба, останете доследни на себе и на доброто. Одете си стоечки, секогаш на нозе, со исправена глава, од секаде каде луѓето сакаат да ви направат зло. Не сте должни да го носите нивниот товар.
И запомнете, доброто ве прави достоинствен човек. Кога правите добро, за вас е понижување да добивате нешто за возврат. Ниту вашата личност, ниту вашите дела се на наплата. Го правите тоа затоа што во вашиот систем на вредности тоа е исправното и единственото нешто што знаете да го правите.
За крај цитат од Свети Климент кој ни испратил моќна порака и преку дела, но и преку овие зборови: „Тргај се од злото и прави добро“!
Автор: Магдалена Маг