Со Договорот на државите- наследнички на последниот состанок во Сараево, целосно е завршена распределбата на недвижниот имот на поранешна СФРЈ од Анекс Б од Договорот за прашања за сукцесија во географскиот регион на Организацијата за економска соработка и развој и Латинска Америка и Карибите, јави МИА од Белград.
На Србија и се дадени објекти на амбасадата во Копенхаген-Данска, како и дел од амбасадата и помошен објект во Њу Делхи-Индија и стан во Трст-Италија, додека Србија со Македонија и БиХ ќе ја дели амбасадата / резиденцијата во Ла Паз, главниот град на Боливија, соопшти РТС.
Дваесеттиот состанок на Мешовитиот комитет за распределба на дипломатско конзуларниот имот на поранешна СФРЈ – имплементација на Анексот Б од Договорот за прашања за сукцесија, се одржа во Сараево на 13 и 14 септември.
На состанокот присуствуваа овластени претставници од сите земји, наследници на поранешна СФРЈ – од БиХ Бакир Садовиќ, Хрватска Петар Узоринац,Македонија Борче Дамјанов, Словенија Јожеф Дрофеник и од Србија Славица Јелажа.