Разликите помеѓу мажите и жените се очигледни, барем во најголем број од случаите. Прво, физичката конституција, а потоа и однесувањето се корпус од симболи по што еден човечки ентитет се препознава и одредува како жена, односно како маж.
Половите разлики се лоцираат во различната конституција на половиот систем или системот за размножување тие се тесно врзани со фунцкионалноста на половите во однос на потомството. Во теоријата доколку на одреден ентитет се пристапува само низ аспект на неговата функциналност и поврзаност со другите елементи од еден голем систем, се говори за теорија на „флуксови“ чии автори се постмодерните мислители Делез и Гатари.
Но постојат и разлики во однесувањето и надворешни идникатори според кои се проценува дали некој е жена или маж. Така на пример жените обично носат градници, накит, здолништа или потпетици, ги бојат своите усни со кармин, користат шминка и имаат долги коси, додека за мажите тоа не е типичен и просечно застапен изглед. Жените имаат некој вид на обврска да се однесуваат како дами и да бидат женствени. Таквите формули според кои се обликува однесувањето на поединец, францускиот социолог Пјер Бурдје ги нарекува „хабитуси“. Хабитусите се идеи во кои поединците се облекуваат. Тие уште од најмала возраст се учат како да го прифатат хабитусот на својот пол. Често ќе забележите избор на гардероба врз основа на полот, избор на играчки за деца е исто така фундиран најчесто на полот, а не на индивидуалните разлики кај децата.
Една од најголемите теоретичарки на феминизмот Симон де Бовоар во своето дело „Вториот пол“ ќе ја изнесе култна реченица – Се раѓаме како машки и женски, а мажи и жени стануваме. Во општествените науки и во современите нео-либерални општества се настојува разликите помеѓу мажите и жените да се припишат на „општествено создавање и настанување“. Па така феминистките тврдат дека мажите и жените се различни биолошки, но биологијата и функционалноста на нивните тела не може да ги оправда сите разлики, нееднаквости и неправди што ги задесиле жените во изминатите векови. Дури западните општества одат предалеку во минимализирање на разликите под изговор дека треба да се анихилира „родовата дискриминација“ со воведување на квоти при вработување, политички избори и сл. Во голем број на европски држави машките и женските wc не се обележани со полова карактеристика. А таа радикализација оди до таму да трансродовите суштества се третираат како некој тип на уметнички перформанс, изглед на човечката слобода, а најскапите паради се токму парадите на гордоста.
Освен тоа што постои трансродово суштество (маж кој се облекува и однесува како жена и обратно), постои и трансполово суштество – целосна интервенција во биологијата и менување на полот.
Либералната идеологија на таквите појави гледа само и исклучиво низ димензија на човекови права и слободи, па често ги инкорпорира тие форми на општествено себерикажување како тиумфални.
Хабитус на еден маж и хабитус на една жена
Да се биде маж значи да се има комплексен и разнороден хабитус, да се биде жена значи да се има само неколку форми на хабитирање (однесување, навики, себеприкажување).
Мажите може да бидат каваљери, конзервативни, дон жуани, моногамни, патријархални, романтични, диви и сл. Жените може да бидат само дами или к*рви. Во секој случај доколку жените не прифатат да бидат пасивни, имаат послободно однесување, се опуштени, непосредни, забавни, веднаш се алудира на тоа дека имаат „полесен морал“ од дамите кои се секогаш затворени во стаклени ѕвончиња, го мерат секој свој збор, може да се пофалат со добро образование и воспитание и се „победа“ на секој маж (кој е инаку ловецот и освојувачот на територија).
Да се биде маж значи да се има идентитет, да се биде жена значи да се има само голо постоење. И денеска имате култури во кои женските деца не се третираат како деца, црногорски семејства во кои имате на пример 3 ќерки и еден син, родителите се изјаснуваат дека имаа „син единец“. Општествата ги препознаваат мажите, додека жените се голо постоење. Ако ги анализирате народните песни многу често ќе забележите зборови од типот на „ќе си ја земам“, „ќе ја направам моја“ и сл. Таквите фрази укажуваат на тоа дека идентитетот на жената е секогаш зависен од мажот, прво од таткото чие презиме најчесто го носи, а потоа од мажот чие презиме понатаму го стекнува. Дури и кога биолошки се населува во своето потомство, жената не го пренесува својот идентитет на нејзините деца туку општеството го препознава само идентитетот на „таткото“ и поради тоа децата го наследуваат татковото презиме.
Ублажување на разликите
Храбрите жени предводнички на социјалистичките движења, првиот, па и вториот бран на феминизмот направија многу за денешната жена. Благодарение на нивните „врескања“ додека се ослободувале од патрихархалните стеги, денеска можеме слободно да пишуваме и да размислуваме за жената како за пол и тоа токму од сопствена гледна точка. Историјата на говорот за жена е полн на говор од страна на мажи што ги претставувале жените, сега ја имаме таа прилика конечно да говориме од позиција на „јас“.
Но неолиберализмот му даде легитимитет на феминизмот, за да може да го индоктринира и уште еднаш преку искрените намери на феминистките да го припише движењето за права и слободи на жените како свој триумф. Феминизмот се идеологизираа преку неолиберализмот, па затоа и денеска неретко ако се декларирате како феминист веднаш очекуваат дека сте воедно и борец за ЛГБТ правата и дека вината за општествената положба на жената ја лоцирате кај мажите што дополнително ви создава омраза кон машкиот пол. Феминизмот мора да биде доследен на неолибералните постулати, подржувате права и слободи на жените?! Тогаш мора да ги подржувате и правата и слободите на сите, вклучувајќи ја и ЛГБТ популацијата.
Со тоа феминистките го изгубија правото да се борат за својот пол, бидејќи додека успеаа да се изборат за својот пол, тој повторно почна да се топи и разобликува за да денеска дојдеме до слободно трансродово поведение или инсистирање на општество без полови разлики што значи и целосно бришење на полот. Жените не успеаа никогаш да го обмислуваат и идејно создадаат својот пол, феминистките успеаа само да ја урнисаат идејата за машкиот пол по погрешна логика на reductio ad absurdum. Но тоа што спротивната теза ќе ја сведеш на апсурд не значи дека поавтоматизам твојата се потврдува.
Денеска имаме општество во кое не само што целосно се ублажуваат, туку и отстрануваат половите разлики. Полот веќе не е непосредна реалност, сакаш утре да се разбудиш како маж? – Нема проблем, хирургија за промена на пол ќе ги реши сите разлики! Живееме во општество без мажи и во општество без жени во кои мажите може да бидат жени, жените може да бидат мажи, а најдобро е да се молчи околу тоа кој што носи во своето меѓуножје зошто нели тобоже токму тоа е изворот на сите општествени неправди, дискриминации и насилства.
Срам од искажување на полот
Во денешно време многу луѓе се соочуваат со срам да го изразат својот пол. Ако постојано алудирате на тоа дека сте жена, тогаш за вас важи верувањето дека „добивате се на меѓуножје“, ако потенцирате дека сте маж, тогаш сте „конзервативна сировина“.
Феминизмот е веќе демоде, осуден и омразен, се воспостави како недоволен со низа внатрешни теориски недоследности. Говорот за жените денеска може да го читате само по женски магазини, убавина, здравје или да ги слушате жените во некое маало во фризерница како си зборат за сопствениот пол.
Одговорот на ова општеството доколку се обидете да го поставите прашањето за половите ќе биде – Сите сме еднакви, постојат разлики ама само индивидуални (индивидуализам), сите сме посебни и секој поединец ги има истите права и слободи без разлика на тоа дали е маж или жена.
Во такво општество ќе се засрамите да го отворите прашањето за полот, или ќе наидете на осуда или ќе отворите поглавје за кое се смета дека е одамна надминато и решено.
Маж и жена
Приказната за еднаквоста помеѓу половите се раствора во вода ако треба жена (една обична жена) да подигне потежок предмет дома или маж да надои бебе доилче кое е гладно.
Просто биолошките разлики имаат свои импликации врз половите и тие во голема мера го детерминираат заемниот однос на мажите и жените.
„Здрав“ однос помеѓу маж и жена
Жената има природна потреба да биде заштитена. Таа во текот на целиот месец се наоѓа во циклус. Циклусот носи различна состојба на хормони во телото кои создаваат промени за разлика кај мажите кај кои половите хормони разботат со помала фреквенција на промена.
Жената е поблиску до природата и позависна од природните појави (како што е движењето на месечината на пример – месечев циклус).
Мажот е понезависен од природата и поради тоа неговата улога во односот треба да е „заштитничка, каваљерска, рицарска“.
Односот на мажот кон жената е однос кон понежно суштество (суштество на кое му е потребна нега), односот на жената со мажот е однос на почит и наклонетост.
Здрав однос на мажот и жената можете да го препознаете по тоа што тој во ресторан секогаш ќе и стави вино во нејзината чаша пред да стави во својата, а таа секогаш со многу благодарност ќе му наздравува.
Автор: Магдалена Стојмановиќ