Зоран Радически е книжевен преведувач, поет, лингвист, полиглот и професор по странски јазици.
Роден е во 1985 година во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за превод и толкување, отсек германски јазик и македонски јазик со лингвистика на Катедрата за јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Зоран е познат литературен преведувач кој главно преведува од холандски, германски, англиски и африкаанс на македонски јазик, но по потреба и од други јазици. Има преведено повеќе збирки и песни од различни европски и светски поети.
Тој е преведувач и толкувач на фестивалот Струшки Вечери на Поезијата, а посебно е ангажиран за платформата Версополис. Подеднакво пишува поезија и кратка проза главно на македонски и англиски јазик од различни жанрови и има настапаувано на бројни поетски манифестации и собири.
Неговите хаику творби се застапени во меѓунардони хаику списанија и анотлогии. Досега има обвјавено една хаику збирка „Сенките во сонот“.
Зоран течно зборува 10 светски јазици, а има солидни познавања од повеќе други јазици.
- Јазикот е присутен во нашето постоење многу повеќе одошто можеме да разбереме. Тука мислам и на природниот јазик и на вештачките јазици и на јазикот на мисловната структура. Но факт е дека ти како преведувач многу повеќе ја разбираш улогата на јазикот и неговата примена. Дали како преведувач повеќе го користиш јазикот како „средство за комуникација“, односно да ја пренесеш пораката еквивалентно како што ја декодираш, или сепак има елементи и на „јазична експресија“ што овозможува да ја употребиш твојата креативност, да ја димензионираш авторски пораката задржувајќи го нејзиното значење?
Јас главно се обидувам да го прилагодам преводот за публиката, за читателите на наједноставен и најразбирлив начин и да го доловам она што оригиналот сака да ни го каже, суптилно и доследно, и сето тоа да не отстапува многу од оригиналот.
Така, кога читателот ќе го чита преведеното дело да може со леснотија и задоволство да го исчита, и да има чувство дека чита оригинално дело, а не превод. Но, тоа често знае да биде многу тешко и напорно, но секако вреди и е неопходно за читателите.
Сепак, тоа не значи дека преводот не може и не смее да биде слободен, независен и креативен, зависно од целната група, од жанрот или од тематиката на преводот. Така, некогаш мора да сум доследен на оригиналот, но некогаш, на пример кога преведувам поезија имам многу можности и начини за слободна јазична или стилска експресија.
Тогаш целосно ја ослободувам мојата креативна мечта што знае да резултира со нешто што не сум го очекувал или не сум бил свесен дека го поседувам во моите умствени лавиринти на преводливост.
Колку познавањето на многу европски и светски јазици те направило и добар познавач на културата, менталитетот, социјалните односи и вредности на говорителите на тој јазик.
- Дали сметаш дека во еден национален/народен јазик се отсликува социјалната, културната или антополошката клима на тој ентитет и запознавајќи го јазикот, всушност ги запознаваме и сите други карактеристики на тој национален/културен ентитет?
Да, апсолутно. Во матрицата на јазикот се крие непознатото и разнообразното во социјалната интеракција на човекот. Секој јазик како засебен систем претставува засебна култура со свои карактеристични општествено-умствени вредности.
Jазикот е еден особен свет сам по себе, еден ентитет со свое културно богатство. Што значи колку јазици знаеш толку различни светогледи можеш да имаш. Преку јазикот можеме да ги набљудуваме сите социолошки и антрополошки сегменти на поединецот. Можеме да дознаеме како размислува еден наш соговорник од далечна култура за истите теми, предмети и појави од реалноста, но и за апстрактноста и имагинарноста.
Преку јазикот можеме директно да ги сознаеме различностите и сличностите, или сличното во туѓото и многу подобро да го увидиме и познаеме светот, светогледот, хоризонтот на другиот. Така, осознавањето, изучувањето на еден јазик, една култура ја олеснува и подобрува меѓусебната комуникација и нѐ зближува како еднакви собитија, солуѓе.
Познавањето на јазикот на другиот ја цивилизира и еманципира човековата љубопитна и понекогаш насилна природа и создава своевидно психолошко чувство на прифатеност, припадност и заедништво. Така, ако едниот го разбира другиот, шансите за избегнување т.е. создавање страв и предизвикување конфликти се големи.
Еве, еден прост пример: еден обичен припадник на африканскиот народ Динка, од долината на реката Нил во Јужен Судан, народ кој традиционално бил и е поробуван и негиран низ историјата од Западните и арапските колонизатори и владетели, тој би бил пресреќен и веднаш би ја споделил својата приказна и култура т.е би го нашол човечкото во еден далечен Европеец кој барем на едно основно ниво го зборува неговиот јазик и покрај стравот од терор од колонизаторите што најверојатно го следи низ генерации.
Јазикот не секогаш е и не мора да биде национален или народен, туку може да биде обединува поголемо множество од народи и култури и да го формира нивниот светоглед, како еден од клучните фактори за тоа. Англискиот јазик е еден таков пример, кој обединува милиони говорители од различно етничко потекло. Меѓутоа, познавањето на странскиот, туѓиот јазикот не секогаш има позитивно влијание врз менталитетот и има моќ да го смени карактерот и општествениот став на поединецот. Што значи познавањето на јазикот на другиот не може секогаш да не направи подобри или поотворени кон светот, ако самите не сакаме и не можеме да ја увидиме добробитта од тоа. За жал, мошне чудна и необична е човековата суштествена природа, дури и кога се работи за јазикот.
- Освен што преведуваш, ти твориш и свои авторски дела. Дали сметаш дека доброто познавање на јазикот е тоа што ги отвора перспективите за увид во можности да се користи јазикот како техника за изразување на творечкиот имуплс, или сметаш дека за творење е прво важно да постои творечки имулс, а тој потоа ќе најде јазични средства (на кој начин) да се изрази? Во превод дали сметаш дека уметникот е производ на долгогодишно образование, или може да постојат самоуки уметници кои се доказ дека образованието не е клучно кога постои желба за творештво?
Тие две работи во одреден дел се поврзани. За да твориш поезија или проза и да бидеш мошне успешен во тоа, потребно е да имаш доволно и соодветно јазично познавање, од аспект на стилистика, семантика, лексика, синтакса и сл. Што не значи дека треба си магистер по македонистика или компаративна книжевност, ако на пример од мал си прочитал стотина книги и си напишал број песни, ти несвесно си ја усовршувал вештината на пишувањето, но би требало да имаш барем некакво формално јазично образование за убаво и достоинствено да можеш да ја преточиш мислата на хартијата, односно на текстуалниот уредувач на твојот лап-топ.
Сепак, и пред сѐ, талентот и импулсот, желбата и страста се најбитниот двигател во творењето. Така, соодветното образование не секогаш е пресудно и потребно. Доказ за тоа се едни од најголемите книжевни творци од македонското минато како Крчовски, Пејчиновиќ, Пулевски, Цепенков, Рацин, а и многу други, биле самоуки, а постигнале своевидни врвни достигнувања во книжевноста и фолклорот на македонскиот народ.
Истово се однесува на другите творечки дејности, како ликовната уметност, театарот, учењето странски јазици и така натаму. Талентот и импулсот се раѓаат, но треба да се одржуваат и надоградуваат. А, тоа понекогаш е тешко затоа што импулсот на генијалецот знае да биде компулсивен, нападен и може тешко се контролира и насочи кон целта, така може да води кон различни животни проблеми, нарушувања и недостатоци, како што е случај со многу големи и извонредни умови низ вековите. Сепак, дали сте виделе некој нормален да постигне нешто генијално, нешто извонредно во животот? Сѐ си има две страни на медаљата во човековиот живот, што би рекле германофилните говорители.
- Што според тебе треба да отсликува една книжевна творба? Дали таа во себе треба да има повеќе реалитет или потенцијалност? Дали книжевните и уметничките творби воопшто ги гледаш низ призма на помошно средство за означување на веќе постоечките појави на кои сведочиме, или сметаш дека во нив има многу повеќе метафизика и утопија и тие нудат алтернативни светови?
За мене една книжевно-уметничка творба претставува документиран израз на умот на творецот, писателот, уметникот. Книжевната творба е рефлексија на творечката способност на поединецот. Таа би требало да биде природна, автентична, искрена и да доаѓа од дното на душата и јадрото на срцето без разлика на реалитетот или потенцијалноста.
Стварното, реалното наспрема обопштеното и апстрактното се неделиви, се својствени за секој книжевно-уметнички творец и може да се испреплетуваат едни со други, затоа што творечката слобода е неограничена и бесконечна. Така, метафизиката и утопијата сами по себе не можат да постојат без барем малку вдахновение од суштествената стварна реалност и обратно.
Така можеме да дојдеме до комплетна и конечна, оригинална и необична творба што може да го запрепасти и вчудовиди окото и свеста и да го задржи вниманието на секој еден љубител и уживател на пишаниот збор, во нашиов случај.
- Дали се согласуваш со Витгенштајн дека „границите на мојот јазик се границите на мојот свет“ и како ја толкуваш оваа негова најцитирана изјава?
Не потполно, затоа што „мојот јазик и мојата јазична култура“ имаат неизмерно примеси од други засебни јазици и култури. Имено, самата еволуцијата на јазикот е толку сложена и создавана посредно преку други јазични системи кои со времето се мешале и придонеле кон формирањето на новите јазици.
Витгенштајн преку своето филозофско мнение го ограничил јазикот како систем од знаци што му припаѓа на една култура, етницитет преку кое што тие гледаат на светот.
Но, денес светот е толку многу технолошки и дигитално напреднат што јазикот каков што го знаеме повеќе ја нема таа битна главна улога во формирањето на светогледот на поединецот. Денес човекот е под големо влијание од милиони аудио-визуелни информации и знаци што ги добива и пренесува преку социјалните мрежи од најмала возраст, па така јазикот станува сѐ повеќе порудиментиран и вторичен, а границите се изместуваат и прошируваат.
Имено, сега имаме тинејџери кои не знаат ниту писмено ниту усно доволно да се изразат и искомонуицираат како што тоа сме го правеле ние на нивни години, но тие сепак успешно комуницираат преку слики, звуци во форма пораки на социјалните мрежи. Тоа е сосема секојдневна и нормална појава што соодветствува со современите начини на интеракција и е таканаречен надјазичен вид на комуникација, што ги надминува границите на јазикот какви што ги знаеме.
Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ