Полицијата приведе две лица под сомнение дека ја креирале и воделе групата „Јавна соба“ на апликацијата Телеграм, на која беа споделувани експлицитни фотографии од девојки. Двајцата се под истрага за производство и дистрибуција на детска порнографија.

Во периодот од 19.12.2019 година до 28.1.2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете – се наведува во соопштението од скопското обвинителство.

Бидејќи постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоците или да го повторат кривичното дело, јавниот обвинител за двајцата осомничени на возраст од 32 и 21 година, до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.

Основното јавно обвинителство Скопје истакнува дека поради обемноста на анализираниот материјал споделуван во оваа група, а со цел да се утврди идентитетот на сторителите на кривични дела и да се обезбедат релевантни докази на законит начин, во текот на предистражната постапка досега било неопходно да се издадат 20 наредби и барања до Министерството за внатрешни работи.

Поради сензитивноста на самиот предмет и тајноста на предистражната постапка согласно Законот за кривична постапка, до овој момент Обвинителството не беше во можност да ги сподели овие податоци со јавноста, иако во текот на целиот период постапуваше и продолжува активно да постапува – велат од обвинителството.