Светот сеуште е доминантно машки. 8 Март не е симбол само на борба за разбивање на таа доминацијата ами и симбол за борба против пакостите од тој машки свет.
Денешниот начин на славење на 8 Март со целиот тој сензационализам, консумеризам и парадерство, испраќа порака дека жените не се борат за подобрување на светот ами дека се борат за да дојдат на општествени позиции кои до пред еден век беа ексклузивно машки и од тие позиции да продолжат со истите пакости кои досега ги правеа мажите. Со други зборови жените денес слават што стануваат мажи.
Во основата на протагонистките кои го иницираа ова движење (Роза Луксембург и Клара Цеткин) е борбата против двете светски чуми кои од почетокот на цивилизацијата до денес хараат по овој “машки” свет. Тоа се експлоатацијата и империјализмот.
Експлоатацијата е изворот на сиромаштијата и е феноменот кога на работно место не ве плаќаат колку што вреди вашиот труд. Кој го зема остатокот од вредноста на вашиот труд? Газдата! Така функционира капитализмот. За газдата да постои мора вас да ве експлоатира. За он да се богати мора вас да ве дере.
Затоа Роза Луксембурк ќе напише: „Моментално сето богатство – најголемите и најдобри имоти, како и рудниците, работилниците и фабриките – припаѓа на неколкумина јункери (германски аристократи) и приватни капиталисти. Големо мнозинство на работниците од овие јункери и капиталисти за својот напорен труд добиваат само бедна плата за да преживеат. Богатењето на овој мал број на безделници е целта на денешната економија. Оваа состојба на работите мора да се поправи.”
Наспроти ова, денес кога и жeните станаа газдарици и тие ги експлоатираат своите работнички и работници ко мажите газди. Клара Цеткин ќе каже дека е витално синдикатите да ги вклучат и жените. Таа и во својата Резолуција за организирање на Ден на жените ќе напише дека социјалистките тој Ден на жените (сега 8 Март) ќе го организираат во согласност со класносвесните политички и синдикални организации на пролетеријатот.
Наспроти тоа ја имаме за пример Маргарет Тачер која ги разби синдикатите во Велика Британија и која со своите неолиберални политики широко и отвори врата на експлоатацијата по што сиромаштијата и класните разлики енормно пораснаа.
А да не зборуваме дека им го укина бесплатното млеко на децата во градинките и дека ги критикуваше мајките што одат на работа оти според неа требало да седат дома и да гледат деца.
Империјализмот е стремежот да се контролира туѓа земја и народ, а тој стремеж се остварува главно со војна. А зошто? Може да погодите. За да се експлоатираат ресурсите и народот. Тоа е причината за војната која нема сопрено откога човекот знае за себе. Изговорот е секогаш друг. Империјалистите ќе кажат како одат во војна со цел да шират цивилизација, култура, а во поново време да шират слобода и демократија.
На Меѓународната конференција на жените социјалистки во 1910 година на која Клара Цеткин го дала предлогот да се организира Ден на жените, Конференцијата решила дека едно од барањата, покрај право на глас за жените, покрај грижата за мајките и децата и покрај борбата против пораст на цените, треба да биде борба против закана од војна.
Дополнително Цеткин ќе каже: „Кога мажите убиваат, на нас жените останува да се бориме за зачувување на животот.”.
Наспроти ова ние ја имаме Хилари Клинтон кој по империјалистичката интервенција на САД во Либија, конкретно по убиството на Гадафи, со насмевка ко на негативец од хорор филм рече: „Дојдовме, видовме, он умре.” Пред таа интервенција, во Либија можеби немаше завидно ниво на граѓански и политички права, ама економските и социјалните права на Либијците беа на ниво за кое ние може само да сонуваме.
А по таа интервенција со која требаше да се донесе слобода и демократија Либија е вратена буквално илјада години назад во времето на робовладетелството.
Веќе и не е тајна дека денес таму постојат робовски пазари на кои луѓе се продаваат како робови. А и не треба да одиме дури до САД, еве и дома, во Македонија, си имаме Министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, која најголемата империјалистичка организација која некогаш постоела, НАТО, не ја вади од уста.
Дури организира и конкурси во основни училишта на кои им дава награда на дечињата кои ќе напишат најубав состав за НАТО.
Ако пред стотина години не беше замисливо жените да гласаат, да бидат на функција итн. денес тоа благодарение на тие големи жени од пред стотина години е се помалку случај. Арно ама целта на тие жени не беше откога ќе се изборат за рамноправност да станат исти како мажите, ами од таа позиција да го променат светот на подобро.
Да не должам многу. Драги жени, не бидете мажи! Мажите го направија светов хорор приказна. По 6 000 години машка доминациија исполнети со империјалистички војни, реки крв, експлоатација, потчинетост и сиромаштија лесно се констатира дека сме речиси безнадежен случај. Ама вие се уште не сте. Затоа не се китете со цвеќиња, поклончиња и кафански чочеци. Китете се со борба против експлоатацијата и импреријализмот така како што тоа го замислија Клара и Роза пред стотина години оти уште само во вас остана надеж за подобар свет.
Среќен 8 Март!
Автор: Саше Јанчев