Љубовта е еден тип на умешност и вештина и таа треба постојано да се негува, унапредува и да се креира форма на нејзин приказ.

Љубовта е општа и има различни типови на љубов. Кога се спомнува „љубов“ прва асоцијација е еротска љубов или љубов како однос на допаѓање, восхит, гордост,привлечност и посакување. Но постојат и други типови на љубов – пријателска љубов, родителска љубов, љубов како посветеност кон „наука, работа, хоби“ и секако агапе или љубов на човек кон Бог.

Многу често се случува љубовта да е измешана со некои други емоции кои со тек на време ја истиснуваат љубовта и надвладејуваат со односот или наизменично доминираат над љубовта, па потоа стануваат секундарни и сл. -Што секако дава нестабилен, несигурен и амплитуден однос.

tabby cat touching person's palm

Еве неколку општи карактеристики на однос изграден на љубов:

Љубовта ослободува, не гуши

Ако односот со другиот го фундирате на љубов, тогаш постепено доживувате ослободување и не е точно дека човек се откажува аскетски од многу работи поради љубовта.

Кога постои љубов, постои бесконечна слобода да се самоспознавате, да правите работи кои ги сакате, кога сте заљубени сте најхрабри, најмотивирани и наоѓате смисла во скоро сите работи и активности.

Се сеќавате на она случка кога жена од 60тина килограми крена цел автомобил на раце само затоа што нејзиното дете беше во опасност?

-Тоа не тера љубовта да го правиме, да померуваме граници и да го правиме невозможното.

Ако има страдање, нема љубов

Луѓето кои страдаат и го оправдуваат тоа со реченицата дека „Љубовта боли“ веројатно го израснале својот концепт на љубовта во сосема погрешни насоки.

Вистинската љубов не боли дури и тогаш кога имате огромна емпатија кон туѓата болка и кога заеднички поминувате низ искушенија и тешки животни ситуации, љубовта само се потврдува на тој начин и во вашите очи „расте“ и ја покажува својата моќ.

Ако нема искушенија, тогаш љубовта и не може да ги покаже сите свои лица. Но таа никогаш не инспирира на страдање и декаденција, туку на борба и восхит.

Љубов и посакување

Ако има љубов има и привлечност и посакување. Но има огромна разлика во начинот на кој го разбираме посакувањето.

Едно е посакување, кога има љубов, а друго е посакување кога има само задоволување на сопствени потреби и покривање на сопствени недостатоци.

Ако има љубов тогаш посакувањето значи унапредување на другиот, негов раст и однос на грижа. Ако посадите цвеќе во вашата градина и го одгледувате со љубов, тогаш вие сакате тоа да преживее, да процвета, да биде здраво, се грижите за условите во кои се наоѓа.

Ако истото цветче го посадите, а немате однос на љубов и нега кон него, тогаш тоа ќе ви овене или ќе го искористите за во вазна во која после неколку дена самото ќе се исуши. Во овој случај станува збор за ваша неартикулирана потреба да го гледате цвеќето како венее во вазната, а тоа не е одраз на љубов кон него нели? – Инаку би се правдало и „убиство“ од љубов. Сепак љубовта не е апсолут за собирање на оправудувања за нашите постапки, таа треба секојдневно да се докажува, покажува и артикулира во својата вистинска форма.

Ако не ја изразите со посебна вештина, таа ќе изумре

Ако пченка засадите во малечка саксија, семето ќе угине. Ако ставите вода во цедалка, таа ќе истече. Ако ставите мачка во кафез за папагал таа ќе загине. Ако врзете куче на тесно оглавче, како ќе расте така и оглавчето ќе го убива и дави се повеќе.

Така и со љубовта. Таа бара посебна форма да се прикаже и да опстои. Не може со љубов да се оправда насилство, омаловажување, навреди, притисоци, психолошки игри и манипулации. Тоа е контрадикторно и за жал секогаш кога љубовта ќе ја ставите во ист кош со насилство обично си оди љубовта, а не насилството.

Што значи дека ако почне љубовта да се служи во погрешен сад, време е да го прекинете тој однос што поскоро.

Стимулативна, а не инхибирачка средина

Како и се друго, љубовта бара стимулативна средина. Таа може да опстои само доколку се забележи раст на сите актери во односот. Доколку се забележи пропаѓање на некој од актерите во односот што привидно се заснова на љубов, во тој случај станува збор за нешто друго, а не за љубов.

Не може да станува збор за љубов ако видите претепана или расплакана жена. Но љубов е кога таа е насмеана, среќна, исполнета, слободна и безгрижна.

Љубовта е потреба

Љубовта е потреба. Но секоја потреба од присуство, друштво или однос со други не треба да се изедначува со љубов.

Потребата на наркоманот од дрога не може да се изедначи со љубов иако во тој момент на потреба тој најмногу на светот ја сака токму таа доза од дрога која треба да ја прими за да ја ублажи својата болка.

Љубовта е потреба да се воздигнете – морало, духовно, естетски и познајно, вие преку размената со другиот, а производот од таа размена е секако и туѓото воздигнување. Никој нема да ви дава мед додека вие го служите со отров. Просто таквата размена или ќе престане или ќе се претвори во додавање со отрови како со топки во игра.