Која и коалиција да ја формира новата влада ништо посебно нема да се смени во претстојниот мандат на новата влада. И понатаму ќе имаме корупција, партиски вработувања, буткање на ливчиња во џебови на функционери за тоа кој да се вработи.

Исто како и досега целиот млад кадар во оваа држава ќе се бутка по партии и ќе го постела своето достоинство за да стигне до некоја државна или јавна функција. Оние, пак, млади кои нема да го прифатат тој начин на функционирање и понатаму ќе се иселуваат масовно од Македонија.

Судството ќе ни биде споро и неагилно, фотељите ќе ги потат стари газови кои немаат намера да ја работат својата работа, туку се тука да ја чекаат својата вртоглаво висока пензија. Во училиштата ќе предаваат професори кои едвај положиле испити, ама имаат партиски книшки или влегуваат на работи по квота.

Здравствениот систем ќе ни колабира бидејќи секој успешен, млад и амбициозен лекар сонува да замине на работа во држава каде неговиот труд ќе се цени и неговиот професионализам ќе се наплати. Децата ќе ни ги трујат со пропаганда и со турбо фолк уметност и ќе градат генерација на естетичко хендикепирани млади.

Обложувалниците и казината ќе бидат главните места каде што ќе се доживува „среќа“ а библиотеките и книжарниците наместо со книги ќе се полнат со мувла, школски прибори, играчки, гифтови и сувенири.

Во театрите ќе гледаме само комедии, во кината најголем интерес ќе има за премиера на „Ко то каже ко то лаже Србија е мала“. Кафаните ќе ни се единствено место каде што ќе можеме да се среќаваме со луѓе, бидејќи патувањата и прошетките се исклучително скапи за наши стандарди или не се дел од нашиот животен стил.

Ќе работиме во мизерни услови, за минимална плата, која тешко и дека ќе ни ја дадат цела, или ќе ни ја дадат ама ќе работиме до исцрпување. Штедиме за одмори еднаш годишно, додека елитата, естаблишментот и олигархијата се бањаат во базени полни со магарешко млеко, пијат Моети и секако таа бахатост ја забележуваат на своите социјални мрежи испраќајќи порака „Еве кој е главен, вие сиромашни, минијатурни створења“. Татко му и мајка му на дотичниот новопечен богаташ се воени профитери или се збогатиле за време на транзиција. Не, ни случајно тоа што го гледате не е заслужено затоа што тие се вредни, чесни, паметни, креативни и иновативни!


Сепак неколку работи ќе ги почувствуваме како различни доколку СДСМ ја предводи власта или доколку ВМРО-ДПМНЕ ја предводи власта. Еве неколку мали различиња:


Ако новата влада ја формира СДСМ

Ќе не убедуваат дека наднационалниот идентитет е единствено решение за нашето општество. Ќе не убедуваат дека скроз е небитно дали си Македонец и дека да се декларираш како Македонец е национал-шовинизам, ама затоа ќе ја гледате Шекеринска како се слика гордо пред знамиња на Албанија, Косово, УЧК, а можда во иднина и знаме на Голема Албанија. Националниот идентитет мора да се почитува во Македонија, ама само ако не си Македонец.
Ќе трпиме провокации од соседите на кои ќе си ја виткаме кичмата и ќе го гледаме Зоки и Стево како се спремаат да му го излижат шупакот на бугарскиот, грчкиот, албанскиот, косовскиот премиер, добро де на српскиот не, ама може и на него ако така ни наредат овие од ЕУ.
Ќе ни шибаат постојано инекции „влез во ЕУ и НАТО“ за да доживееме колективна амнезија дека нелегално, неуставно и против демократската волја со референдум кој не помина цензус ни сменија уставно име.
Сите ќе заборавиме на Бети милионче, Авировиќ, Исмајиловска, Муковски кои своите наплати за национално предавство ќе ги трошат по бутици на Зара и летувања на Хавајските острови мадам!
Ќе го трпиме Заев како уште еден мандат лупета како један му ушао, а други изашао и како бил цело време одозгора на тога, па одозгора на тога и ќе се нервираме што како индивидуи и како демос не претставува баш таков лик.


Ако владата ја фомира ВМРО-ДПМНЕ
Ќе гледате масовно „сотирање“ на сите кои им ваделе душа во предизборната кампања. Промена на кадар во јавна администрација преку ноќ, или што би кажала Гоца Јанкуловска – ние му даваме плата, а он душата ни ја вади. Да, да таа плата на татко им имање што е, е они ја даваат на некој што се осудил да мисли различно еееј!
Шефот Мицкоски ќе биде запознаен со сите случувања во државата, а особено со тоа дали некој прднал настрана.
Ќе гледаме секојдневен труд да се изнајдат, создадат, ископаат, надворешни, а посебно внатрешни „државни непријатели“.
Мизрахи ќе пушта солза на говорници за ден на одбележување на смртта на некој револуционер од МРО, ама името нема да го вратат.
Гога Сорос на сите новинарски прашања во кои не може да ја истакне својата елоквентност и себеманија, ќе одговара со „не знам“ – прашајте го господинот Мицкоски.
Мицко е матен како Вардар после дожд, ама затоа го има Јанушев да го убие сите и да ги начека на својот извајан, машки, мачо „бокс“, посебно има потреба својата раскошна машка сила да ја покажува на жени.
Дурло уште ќе се мачи да научи неколку реченици за да може да одговори на новинарски прашања и конечно да ни открие на сите од каде до, дооо, доооо каде е ПАТО што ќе се гради.
Локални шерифчиња со кои сте се замериле у основно поради кошарка, ќе ве стопираат на улица и ќе ви викаат знаеш ли кој сум јас сега бе, моите се на власт!
Латас ќе се врати у Сител у топ термин, а Сител и Канал 5 ќе ви презентираат у каква бајка од држава живееме ние чуече. А да, можеби и Бранко Геровски ќе добие некоја емисија на Алфа.


Што се однесува до трета опција, за жал во Македонија уште долго време нема да ја имаме таа среќа трета партија да го помати ривалството меѓу ДПМНЕ и СДСМ. Не затоа што мислам оти тие се цвеќки за мирисање, туку поради тоа што посериозно доближување на трета партија ќе значи историски преседан во изборните резултати и ќе донесе повеќе конкуренција, внимание и здрав разум помеѓу веќе аздисаните кадри на СДСМ и ДПМНЕ кои ги гледаме со години на политичка сцена и кои 100 пати ни ја имаат изневерено довербата.


Завршувам со славна изрека на данскиот филозоф Киркегор, малку модифицирана: Ако гласаш ќе се каеш, ако не гласаш, пак ќе се каеш. Ако гласаш или не гласаш секако ќе се каеш!

Магдалена Стојмановиќ