Арбен Таравари ќе биде новиот лидер на АА, со тоа што единствената дилема е дали до конгресот во декември ќе биде в.д. претседател или потпретседател со засилени надлежности, бидејќи статутот не предвидува вршител на должност, велат за Фокус партиски извори.

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари треба да биде наследникот на Зијадин Села на чело на Алијанса за Албанците, дознава Фокус од високи партиски извори.

Во пресрет на седницата на партиското собрание, на која ќе се констатира оставката поднесена од Села после неуспехот на локалните избори во Тетово, е начинот на кој Таравари ќе го трасира патот до лидерската позиција.

Според неофицијални информации, Таравари најверојатно ќе биде избран за в.д. претседател веднаш по утврдување на оставката на Села.

На тој начин, тој би бил вршител на должност се до вонредниот конгрес што треба да се одржи во декември, на кој треба да добие полн мандат како партиски лидер.

Меѓутоа, велат нашите соговорници, во партијата се отворила дискусија дали ова сценарио има формално-правна поткрепа, со оглед дека актуелниот партиски статут не предвидува позиција в.д. претседател.

Затоа, со цел да се намали ризикот некој да го оспори процесот, се појавиле и одредени размислува, наместо вршител на должност, Таравари до конгресот да остане потпретседател, ама со засилени овластувања.

Сепак, се очекува да преовлада расположението Таравари да биде избран за вршител на должност претседател, додека идната позиција на Села во партијата ќе се разгледува на конгресот.