дома животен стил Ставете ја вашата врска на тест и откријте што навистина мисли вашиот...

Ставете ја вашата врска на тест и откријте што навистина мисли вашиот партнер за вас

1423
0

Една здрава и нормална врска се темели на добро познавање на себе и на партнерот со кој сте во партнерски однос.

Без разлика на тоа дали станува збор за почеток на врска или сериозна врска која трае долго време не е на штета да направите мал психолошки тест и да откриете што навистина мисли вашиот партнер за вас.

Некогаш партнерите се склони да ги гледаат само добрите страни кај партнерот, или како што често се вика „да го идеализираат“ посебно во фаза на заљубеност.

Во други периоди кога заљубеноста поминува партнерите се склони да наоѓаат забелешки и критики за партнерот и да ги гледаат поочигледно неговите маани и доблести.

Понекогаш партнерството се темели на бегство од осаменост или се отпочнува поради некаква слабост, а не вистински избор и љубов што се манифестира со индиферентност и целосно отсуство од заеднички планови и активности.

Со цел да откриете со каков партнер си имате работа и каков партнер сте вие всушност, ви предлагаме мал тест со вчитани решенија за толкување на резултатите:

Замолете го вашиот партнер да наброи 3 ваши маани и 3 ваши доблести, а потоа направете го тоа вие. Од одговорите согледајте каква е вашата врска, а еве ги сите можни варјани:

6 Phases to Restoring Balance in a Relationship

Ги ублажува вашите маани, а ги величи вашите доблести

Ако ви наброи маани кои не се всушност маани туку се доблести, не може да се сети на 3 ваши маани или една маана ја кажува во три различни облици на манифестација, а ги потенцира вашите доблести и има долг список на фалби, тогаш ситуацијата воопшто не е добра.

На пример ако за маана наведе – наивност, претерана искреност и сл. (тогаш тоа не е маана, туку е доблест во одредени ситуации), тогаш вашиот партнер не е објективен.

Ако добиете одговор дека немате толку многу маани или дека маана ви е да се расправате, да сте жестоки и дрски во вербалните конфликти тогаш во суштина тоа е манифестација на само една карактеристика која партнерот ја кажува на три различни начини за да ги задоволи критериумите на играта. Но во суштина тие одговори се социјално пожелни одговори.

Мотивите може да бидат различни. Тој / таа ги гледаат вашите маани но имаат потреба да ве заведуваат, да ви ласкаат и да ве манипулираат криејќи го од вас вистинското мислење нивно за вас. Или, пак едноставно не мора да постои некој скриен мотив – тие се само слепо заљубени и просто не може да видат ниту една ваша маана. Тоа обично се случува во почетните денови од вашето партнерство.

Ги потенцира претерано вашите маани, а со „пола“ уста ги изговара вашите доблести

Врската ви отишла во целосно погрешен правец и од вас зависи дали ќе вложувате двојна енергија прво да го срушите сето она што сте го граделе на погрешни темели па потоа повторно да изградите нешто ново, или пак да ставите точка на тоа поглавје од вашиот живот.

Ако со многу ентузијазам зборува за вашите маани, а многу нерадо за вашите доблести, вашиот партнер има потреба да ве понижи, омаловажи или да ве повреди.

Причините може да бидат различни – незадоволени очекувања, обесправеност, недоволно внимание, не се вклопувате во неговиот шаблон за тоа како треба да изгледа идеално партнерство, се чувствува помалку од вас, чувствува дека не ве заслужува, премногу сте за него и сл. Но, што и да е, вашиот партнер престанал да биде добронамерен кон вас и се што прави има за цел да ви нанесе болка, страдање, да ви ја продлабочи скепсата или да ви ја уништи самодовербата.

Не сака да учествува во играта

Ако вашиот партнер не сака да учествува во играта тогаш вие одамна сте престанале да бидете или не сте ни биле предмет на неговиот интерес. За него / неа што и да предложите е просто непотребно / бесмислено / губење на време и сл.

*Тоа е најлошата варјанта на партнерство во која можете да се најдете.

Неговите / нејзините одговори се кратки, брзи и несуштински и со нетрпение ги очекува вашите

Партнер што не обрнува внимание на своите одговори и ќе ви наброи три маани и три доблести само за да ги задоволи правилата од играта со нетрпение очекувајќи ги вашите одговори е партнер кој има проблем со самодовербата.

На таков партнер вие не сте му партнер туку негово огледало и тој ве има вас за да ве покажува на светот, за да црпи смисла, да се гради како личност, да му носите стабилност и задоволство што не може да ги најде самостојно.

Како изгледаат одговорите на здрав и нормален пар

Тој / таа се труди да даде одговори на вашите прашања, ги набројува вашите мани објективно (за кои веројатно и самите сте свесни), реално постапува кога се во прашање вашите доблести, но има и помалку доза на пристрасност па листата на доблести може да е подолга отколку што е потребно.

*Овој текст има карактер на советодавен текст и служи да ја забави публиката што значи дека резултатите не треба да ги третирате како апсолутно важечки. Но од одговорите сепак може да се ориентирате во кој правец се движи вашата врска.

Магдалена Стојмановиќ