Веста дека во предлог рамката за нашите преговори со ЕУ на македонски јазик треба да се преведе европското законодавство е нормална и стандардна работа и уште една потврда и признание за македонскиот јазик, оцени денеска лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев, апелирајќи до опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се одважи и да го поздрави овој чин, како и да престанат сите лаги дека сме го изгубиле јазикот.

-Да, стигна и веста по предлог рамката за нашите преговори со ЕУ, македонскиот јазик е наведен како јазик на кој треба да се преведе европското законодавство пред да станеме држава членка на ЕУ. Тоа го сметаме за нешто нормално, стандардна работа, бидеќи согласно нашата лична карта во Обединетите нации и согласно нашето право на самоопределување нашиот јазик е македонски, а ние меѓународната комуникација ја водиме и на македонски јазик, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашања по изјавата пред Собранието.

Тоа, дополни, е уште една потврда и признание за македонскиот јазик. Ова нека биде апел да запрат со лагите оние кои со месеци лажеа и велеа дека сме го изгубиле јазикот и да престанат да ни го навредуваат и омаловажуваат јазикот нарекувајќи го „северџански“.

Ние зборуваме македонски јазик кој полека станува дел од големото европско семејство заедно со останатите европски јазици. Тоа е патриотизам, тоа е грижа за татковината, за македонскиот идентитиет, рече Заев.

Македонскиот јазик како дел од македонскиот национален идентитет беше прашање за дискусија и нов спор во најава со Бугарија изминатите неколку месеци, ова потврда на ЕУ на македонскиот јазик стигнува непосредно пред изборите. Тоа може да донесе нови поени за досега владејачката партија која веќе почна да го припишува признавањето на македонскиот јазик како своја дипломатска победа.

Извор: telma.com.mk