Си велам дека овој напис ќе го прочитат многу повеќе луѓе од „неугледни“ отколку од „угледни“ фамилии. Токму заради таа причина истиот е наменет за првите, а останатите нека ни се живи и здрави, бидејќи за каде сме, ако ги нема нив, нашата „блескава аристократија“.
„Турската серија“ со родилката од „угледна фамилија“ ме инспирираше да им се обратам на оние луѓе, што ете немале среќа да се родат, или пак да сродат, во и со такви фамилии.
Драги мои членови на „неугледни фамилии“, дали се чувствувате немоќни?
Дали ве мори жед и времето ве гази додека чекате ред пред продавница, наплатни центри, болници?
Дали се чувствувате како статисти во некаков нискобуџетен независен филм снимен во три евтино уредени соби и неколку надворешни кадри, на кои јасно се гледа неизмалтарена куќа и црешово дрво што агресивно се суши?
Некои од вас сум сигурен дека сакаат да фатат магла од овде, но не можеме сите да избегаме нели? Сега со короната па ич. Ете, ако прочитавте денеска, треба да знаете дека, кога заминувате во странство, потпишувате изјава, дека нема да барате помош од државата, ако имате некаков проблем во избраната од вас, земја за евакуација. Затоа да не брзаме со бегањето и евакуацијата. Мораме да се снаоѓаме со нашата „неугледност“ овде, некои немаат друг избор.
Мене новата нормалност ми донесе нова дефиниција за тоа што е угледна фамилија.
Дами и господа, партиски полтрони што добивте работа во државната администрација преку листи за вработувања, правени во очадени штабови, не брзајте да се радувате. Вие не сте дел од аристократијата, вие само редовно си ја гласате. Меѓу вас и нас нема разлика.
Сите ние што немаме моќ, да го одложиме нашето заминување на издржување затворска казна или пак немаме канали преку кои да ја напуштиме државата како тивок прдеж, пред полицијата да ни тропне на врата за да нѐ спроведе до затворската капија сме граѓани од „неугледни“ фамилии. Без разлика дали нашите татковци и мајки се прекрасни родители или пак не. Тоа нема никаква врска со угледот.
Членовите на „угледните“ фамилии влегуваат преку ред во болница. Имаат предност при вработување, најчесто на работни места со солидни месечни примања. Добиваат државни стипендии за школување во реномирани странски универзитети. Добиваат покани за учество во дебатни емисии. Не лежат по затвори со огромни казни. Добиваат амнестии. Навредуваат и се закануваат на обичните смртници, а после добиваат телевизиско време за да објаснат дека против нив се води политичка хајка. Можат да ги прекршуваат законите и прописите, носејќи за тоа само морална, но речиси никогаш кривична одговорност. Учествуваат во лидерски средби и уште еден куп други циркуси и сето тоа само за да ви докажат дека можат да прават сѐ што ќе си посакаат.
Целата колумна на Атанас Величков за tribuna.mk може да ја прочитате тука