Изјавата „Те сакам“ е признание или триумф на една врска помеѓу луѓето.
Во последно време можете да ја слушнете насекаде и во секој тип на односи: партнерски, пријателски, семејни односи и сл.
Љубовта како концепт е доста пропагирана и присустна во свеста на современиот човек.
Па затоа и таа се претвора во чести изјави „Те сакам“ кои се фундирачки за односите помеѓу луѓето. И покрај тоа што навидум изгледа дека „Те сакам“ е еднозначна изјава, сепак таа има многу значенски димензии во себе.
Еве што се може да значи изјавата „Те сакам“:
Замени ми го светот
Светот е огромен и страшен сам по себе. Поради тоа луѓето се ослободуваат од стравот од големи работи лоцирајќи ги на помали, видливи и опипливи. Светот го заменуваат со една личност која им е „прозорец кон светот“.
Од таа причина ќе слушнете често и изјави од типот – Ти си ми се на светов или ти си ми единствен/а.
Иако овие изјави имаат романтичен карактер сами по себе, тие може да бидат и многу опасни бидејќи е неблагодарно некој да ви ја дава улогата да сте му варијабла за сите нешта во светот.
Таквата перспектива често раѓа – опсесивност, посесивност и љубомора, а врската со такви луѓе станува неподнослива.
Влегување во животот
Изјавата „Те сакам“ значи и влез во нечиј живот, а луѓето сметаат дека имаат право над вас само поради тоа што ве сакаат.
Не дозволувајте „Те сакам“ во вашиот живот да значи било каква непријатност, па дури и таква да се чувствувате обврзани на нечие присуство во вашиот живот само поради тоа што некој вас ве сака.
Обликување
Многу пати сте слушнале – „Јас те сакам и те молам немој да го правиш тоа затоа што ќе ме повредиш“. Во суштина зад „Те сакам“ постои цела композиција од барања за тоа како треба да се однесувате и што треба да правите само затоа што некој ве сака и не би можел да поднесе да постапувате поинаку од тоа како тој / таа предвидел/а.
Тест на љубовта
Многу пати сте почувствувале како некој ви кажува „Те сакам“ само за да добие одговор „И јас тебе“ бидејќи со тоа најлесно ќе ви ги провери чувствата.
Најлесно е да проверите дали некој ве сака ако го прашате, но во суштина љубовта не е зборување, туку делување.
Ако не предизвикате проверка на некое чувство кон вас преку нега на одност, дело или гест, изјавите „те сакам и јас тебе“ ќе бидат се помалку израз на љубов и се повеќе обврска кон вас да не се чувствувате лошо ако не ја добиете истата изјава за возврат.
Те сакам значи сакам да те имам
Вие не сте предмет што некој го гледа на излог, влегова у продавница, го плаќа и го носи дома да го користи за некоја негова потреба. Вие сте личност. Тоа што некој ве сака не значи дека треба да ве користи од било кои причини – хедонистички или прагматични.
Тоа што ве сака не ви создава обврска да одговорите на неговите / нејзините потреби со цел да ја задржите љубовта кон вас. Ако во одреден момент вашите потреби се разидуваат и правите нешто против своја волја а да му удоволите на другиот тогаш зборот „Те сакам“ одамна го изгубил суштинското значење.
Фиксирање на објектот
Кога некој ќе почне да ви зборува „Те сакам затоа што си паметен/а, убав/а, ведар/ра и сл.“ тогаш сериозно треба да се загрижите околку значењето што го има таа изјава на љубовта.
Во такви ситуации често преку изјавата на љубов и комплиментите некој ве фиксира во тие карактеристики и ви наметнува потреба секогаш да сте такви бидејќи ако престанете да бидете тогаш се губи и темелот на кој е изградено “Те сакам“.
Исто така, понекогаш не сте само објект на фиксирање, туку и објект на проекција, па некој во вас проектира карактеристики кои сака да ги види.
Ниту една претстава за вас не е сосема реална и затоа не треба да се потпирате на туѓите критики, осуди, а најмалку комплименти.
– Љубовта се чувствува и тогаш кога нема „Те сакам“ затоа внимавајте со (зло)употреба на изјавите на љубов.
Магдалена Стојмановиќ