Главоболки, проблеми со крвниот притисок, влошување на кардиоваскуларните и респираторните болести. Климатските промени сe причина за почестите топлотни бранови, задоцнета есен и топли зими. Според стручните лица, несомнено човечкото тело знае како да се прилагоди на промените, но ваквите нагли и драстични временски промени во температурите се предизвик за сите нас.

Бојан Трајановски кој е доктор по општа медицина за МИА вели дека од секојдневната работа со пациентите забележува дека честите промени во атмосферскот притисок, како последица на климатските промени, несомнено се одразуваат и кај луѓето. Појаснува дека тоа е највидливо кај кардиоваскуларниот притисок, процесот на дишење, особено кај астматичарите, хроничната опструктивна болест и кардиоваскуларни заболувања.

Според него, за целата таа состојба главниот проблем настанува најчесто при пад на притисок, поради целосната промена која што е во атмосферскиот притисок и во температурната разлика.

На пример кога луѓето одат од топло на ладно, доаѓа до пад на притисокот, а со тоа се појавува малаксаност, температурата може да се промени, општа слабост што ја објаснуваат пациентите, односно главоболката која може да биде еднострана, двострана или пак, најчесто во пределот на вратот – истакнува Трајковски.

Според анализите од Светската здравствена организација, помеѓу 2030 и 2050 година, се очекува климатските промени да предизвикаат приближно 250.000 дополнителни смртни случаи годишно, од неухранетост, маларија, дијареа и топлотен стрес. Во најголем ризик ќе бидат областите со слаба здравствена инфраструктура, главно земјите во развој.