Пазарна го затвори ноќниот клуб Аватар во Струмица, каде викендов се организираа забави со неколку стотици гости, без да се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19. Вратите ќе останат пломбирани сè додека не се донесат протоколи за нив.

Поради непочитување на заштитните мерки на 10 дена е затворен и базенот во Виница.

Од Државниот пазарен инспекторат веќе поднеле и кривични пријави, за што управителите може да се соочат со казна затвор од една до четири години. Инаку, двата правни субјекти добија казни од по 2.500 евра и уште 500 евра за одговорните лица.

Директорот на Пазарна, Стојко Пауновски, вели дека некои угостители биле погрешно информирани дека по изборите ќе може да организираат забави и прослави и затоа околу стотина инспектори се на терен и ги советуваат угостителите, со цел да не се доведат до кривична одговорност. За сега, дозволено е само да има музика во живо, но музичарите да се настрана од гостите и да нема групирање.

Пауновски вели дека се случува полицајци да бидат доушници на сопственици на угостителски објекти, кои организирале забави и покрај забраната. Па, гостите си оделе, а локалите се затворале пред да стигнат инспекторите. Тоа најчесто било случај во Тетово, Гостивар, но и скопските населби Чаир и Бутел.

Вест на Мирјана Јовеска за Сител