Во популарната литература, светски познати магазини, но и во сериозни студии од областа на социологијата, се забележува тренд на „напуштање“ на институцијата – брак.
Се тврди дека бракот е демоде, непотребно институционализирање и посредување на меѓучовечките односи, но и концепт кој ја гуши идејата за слободна и непосредувана љубов.
Постојат два индикатори кои докажуваат дека бракот како институција во западните општества, па и во македонското го „доживува“ својот залез.
Приот индикатор е рапидниот пораст на бројот на разводи, а вториот индикатор е се помала желба на луѓето својата љубов да ја покажуваат и потврдуваат пред олтар.
Во Македонија во 2019 година бројот на разводи пораснал за 22% во споредба со бројот на разводи во 2018 година, според официјалните податоци на „Завод за статистика“, што несомнено докажуваат дека бракот ја губи својата „атрактивност“.
Единствено во религиските и конзервативните дискурси се оправдува постоењето на бракот, се дава одредена смисла и достоинство. Но тие се мошне ретки во мејнстрим етерот.
Луѓето мора да сфатат дека – Бракот не е задолжителен, во брак не мора да се влезе по секоја цена и дека нема да вредите помалку како личности ако не сте во брак!
Во продолжение неколку контрадикторности кои го карактеризираат бракот и кои ги одбиваат луѓето од идејата воопшто да бидат во брак:
Може ли да постои неусловена љубов ако има „обврска“ ?
Концептот на „обврска“ е спротивен од концептот на љубов, барем во здраворазумските и интуитивни согледувања.
Граѓанскиот брак е полн со обврски и должности кои партнерите ги имаат кон партнерството. На тој начин бракот создава илузија за постоење на едно колективно тело – партнерство кое е многу повеќе од „суштината“ која ја имаат поединците со улога „партнери“ во тоа партнерство.
Не ретко се случува луѓето кои се во брак да заборават на себе и своите потреби и целосно се посветат кон одржување на нешто што е фиктивно и што постои само во нивните глави и се наредени букви на бел лист од хартија која се нарекува „Извод од матична книга на венчани“.
Обично обврските ги поврзуваме со нешто што ни ја негира слободата, во бракот има „мора“ исто толку колку што има „мора“ во одење на работа и одење на училиште. Таму каде што нема слобода во избор и спонтаност не може да постои чиста љубов, а бракот умножува обврски само за да ја даде димензија на трајност на нешто кое има флуиден карактер – како што се меѓучовечките односи.
Останува нејасно зошто луѓето одлучуваат своите односи да ги градат на обврска, на услов и на уцена, откажувајќи се од автономијата на сопствените одлуки и давајќи им ја на адвокати, социјални работници или судии, кога може врската да ја темелат само и единствено на љубов и добра волја на две зрели и возрасни индивидуи?
Бракови од интерес
Бракот е форма во која неретко преовладува интерес. Приказната за вселенска љубов која ги тера партнерите да стапат во брак, иако бракот не е нужен за да опстои партнерство и љубов, постои само во романтични комедии и љубовни романи.
Во реалниот живот голем број на браковите опстојуваат на интерес и желба за материјална ситуираност. Голем број на жени се мажат од амбиција да добијат социјална мобилност и „влез“ во повисоко стратификациско ниво, мажите исто така избираат жени кои ќе можат да бидат рамноправни „провајдери“ во семејството и да придонесуваат во семејниот буџет, бракот се создава заради сигурност во однос на учество во поделба на имоти доколку дојде до развод, се раѓаат деца за да се користи алиментација и да се дојде до материјална ситуираност од страна на жената и сл.
Сите овие примери повеќе се среќаваат во реалноста отколку примери за бракови кои навистина се склучени на база на безусловна љубов, разбирање и поддршка. Тие се толку ретки, што ги издвојуваме како пример и за нив се пишуваат стории.
Прашањето е зошто ако луѓето се способни како поединци да се обезбедат себе си воопшто мора да бидат во брак за да им се гарантира право на некаква сопственост и зошто некој би прифатил брак кој е заснован на паразитирачки и пазарџиски однос од едната или од другата страна?
Ропство
Ја знаете она поговорка „Баба дала денар да влезе во оро, ама два да излезе“. Така од прилика функционираат и работите во бракот, бидејќи неговото раскинување понекогаш е невозможно и користејќи ги правните и законски механизми некој може буквално со сила да ве држи до себе или да ве условува со значителни личносни загуби доколку дојде до раскинување на бракот.
Да се влезе во брак е исто како да си ставите синџир на рака и да се врзете за во случај да ви се пројави потреба што не е предвидливо дали ќе биде оправдана, да заминете од „местото“ каде што сте врзани, вие однапред си го спречите заминувањето.
Или тоа е исто како да си ги отсечете сопствените крила, за да ја елиминирате однапред можноста да летата ако во случај некогаш развиете и оправдана желба за тоа.
Бракот е производ на патријархалниот модел на организирање на меѓучовечките односи
Иако се зголемува трендот на неолокациски семејства, сепак барем во Македонија најголем број од брачните партнери живеат со семејството на мажот.
Освен тоа, жените го прифаќаат презимето на мажот, целосно менувајќи го не само својот дом, своите навики, туку и својот идентитет, а дури и да не дојде до премена на презимето кај жената, тогаш децата задолжително го носат презимето на машката лоза (деца родени во бракови).
Тоа значи дека на жената и е дозволено само биолошки да има удел во своите деца, додека организациски децата се законски наследници на „таткото“.
Таквиот концепт за брак станува се поапсурден со наметнување на либералните и феминистичките стојалишта како еднакво валидни и легитимни во политичкиот дискурс.
Децата се ваши и ако не сте во брак
Деца родени надвор од браковите не се помалку деца од оние кои се родени во браковите. Ниту, пак, значи дека ако се прекине бракот и децата ќе живееат кај еден од родителите, тие автоматски прекинуваат да бидат деца на оној родител со кој не живеат.
Децата немаат никаква врска со браковите и сосема е изопачено да се користат – за да се задржи бракот или да очекувате да ви ги фиксираат постојано вашите односи со партнерот кои поради ваша слабост не успевате да ги задржите „нормални“ и посакувани.
Не мора да бидете во брак за да љубите, почитувате, подржувате, разбирате и градите среќно семејство. Бракот не е единствениот начин и институција која има апсолутен суверенитет над вашите емоции, одлуки и креативност да градите стабилна, цврста и здрава заедница со некој!
*Овој текст нема цел да го девалвира бракот како институција или да пропагира негово целосно уништување. Туку да постави релевантни прашања кои се поврзани со бракот и кои се косат со сите идеал-типови за истиот кој се пренесуваат преку медиуми, образование, литература или приказни од маало.
Магдалена Стојмановиќ