Иако Српската православна црква го празнува Рождеството Христово на 7 јануари, според стариот јулијански календар, поранешната светска тениска ѕвезда Ана Ивановиќ и оваа година го одбележа католичкиот Божиќ, кој се слави на 25 декември.

Ивановиќ на своите профили на социјалните мрежи објави елегантна празнична фотосесија, на која позира во свечен фустан, опкружена со божиќен амбиент, украсена елка и подароци во рацете. Фотографиите брзо предизвикаа големо внимание кај нејзините следбеници, а во коментарите се нижеа бројни честитки за Божиќ, пораки со желби за здравје, љубов и семејна среќа.

Иако по потекло е Србинка и традиционално доаѓа од православна средина, Ана Ивановиќ со години живее надвор од Србија и е во брак со поранешниот германски фудбалер Бастијан Швајнштајгер, што често се толкува како причина за комбинирање на различни културни и верски обичаи во нејзиното семејство. Таа досега во повеќе наврати има споделувано моменти од католичките празници, без притоа да се откажува од православните традиции.

Од друга страна, Српска православна црква и верниците кои го следат јулијанскиот календар, Рождеството Христово ќе го прослават на 7 јануари, во согласност со вековната црковна традиција.

Празничните објави на Ана Ивановиќ повторно отворија дискусии на социјалните мрежи за различните календари и обичаи, но и покажаа дека за многумина празниците се пред сè време за радост, семејство и споделување позитивна енергија, без разлика на датумот.